[Интервју] Рамона, Филип и Матеј – „Моторот“ зад „Три дена култура“ во Карев

„Три дена култура“ е пионерски средношколски настан кој втора година по ред се организира во СУГС „Никола Карев“ од 7 до 9 март 2019. Организаторите го опишуваат како фестивал на млади уметници и простор каде младите автори слободно ќе можат да ги покажат своите нови идеи и размислувања за уметноста. За тоа што ќе се случува годинава на овој настан, и со кои предизвици се соочуваат, разговаравме со Матеј Јуруков, Рамона Кочишка и Филип Лафазановски, членови на „Арт Хаус Карев“, организацијата  одговорна за овој настан.

Што е „Арт Хаус Карев“?

„Арт Хаус Карев“ е неформална организација која е иницирана од средношколците на СУГС „Никола Карев“, каде членуваат сегашни и поранешни средношколци, како и професори. Исто така, организацијата е можност за учениците кои завршиле средно, да го продолжат нивното искуство во Карев, свирејќи, организирајќи настани и фестивали, снимајќи видеа и сл. Професорката Емилија Ристановска би одговорила дека „Арт Хаус Карев“ е искуството на постарите генерации да се пренесе на новите :) .

Што е разликата меѓу овогодинешниот и минатогодишниот фестивал?

Концептот е ист, но оваа година имаме и бенд од Охрид и од Првата белградска гимназија. Гимназијата има испратено филм, ќе учествува со свој театарски перформанс и ќе изложува на изложбата. Оваа година имаме повеќе поддршка од институции, како МКЦ, Кино Култура, Македокс, „Скопје Сити Мол“, Гледај.мк итн.
Најважно е што овогодинешниот фестивал целосно го посветуваме и ќе помогнеме на наша соученичка и другарка од прва година, која боледува од тешка и ретка болест.

Кој е симболот на „Три дена култура“ за оваа година?

Енди Ворхол е симболот, затоа што ни се допаѓа неговата контроверзна природа која до ден-денес поттикнува разговор и дебати. Не ни е толку важна неговата естетика, колку што ни е важен неговиот однос кон уметноста, однос кој сакаме да го поттикнеме кај младите автори што се пријавија на овој фестивал.

Како направивте соработка со Првата белградска гимназија?

Благодарение на професорката Емилија Ристановска, која пред 11 години го побратимила нашето училиште со белградското. Оваа година не повикаа нас, на 180-годишнината од нивното постоење, па затоа и ние и повикавме на „Три дена култура“.

Како течеа подготовките за фестивалот?

Почнавме со подготовки во септември, прво го биравме симболот на фестивалот и имаше многу двоумења за изборот на Енди, па токму тоа ни се допадна. Ги отворивме пријавите за бендови, филмови и изложбата во декември, а ги затворивме во февруари. Добивме преку 150 пријави, во сите категории. Оваа година имаме монтажен театар, по завршување на една театарска претстава, веднаш започува друга.

Дали во иднина би имало други проекти како „Три дена култура“, освен Свирложба, настан каде истовремено се одвива музички настап и создаваат ликовни дела?

Тежнееме кон тоа да се што повеќе развива „Арт Хаус Карев“ и да создава нови настани. „Три дена култура“ се појави во период кога во Карев не се случил настан 4 години по ред. Интересно е што за вакви настани, се здружуваат и поранешни и сегашни генерации и соработуваат.

Која е улогата на уметноста во општеството?

Да тргнеме од нашиот пример. „Арт Хаус Карев“ ја третира уметноста како еден од најважните елементи во општеството. Мора да постои организација како „Арт Хаус Карев“ која ќе го пронаоѓа и негува уметничкиот потенцијал кај младите луѓе, да им биде отскочна даска во нивната уметничка кариера, без да бидат спречени од родител, професор или друг фактор. Уметноста го прикажува општеството такво какво што е, таа црпи инспирација од опкружувањето на авторот и неговиот живот.

Кој е клучот за успешен средношколски уметнички настан?

Пред сѐ, треба да се сака тоа што се работи, да се посвети време и труд да се направи добра организација, затоа што без сериозност ништо не успева. Вакви настани мора да се искрени, отворени и да не кријат ништо, затоа што публиката препознава манипулација.

По што сакате да се памeти „Три дена култура“?

Сакаме Каревци да го памтат чувството кога го организирале овој фестивал, кога ќе се вратат во Карев, да ги обземат убави емоции и сеќавања од поминатите 4 години. Сакаме публиката да ужива во одличен фестивал и авторите на делата да бидат инспирирани да ги развиваат своите уметнички способности во текот на годината.

Стефан Митиќ