[Интервју] Кристина Паскоска ќе оди на експедиција низ сите 1.645 села: Ова е за сите нас под ова Сонце

Младиот етнолог и антрополог Кристина Паскоска неуморно ја истражува и проучува македонската природа и култура, поткрепувајќи ја со научни студии, авторски фотографии и документарни филмови кои ги прикачува на својот блог и фејсбук профил Мекам.мк. Таа е иницијатор и член на управниот одбор на Меѓународниот фестивал на етнографски филм „ЕТНОФФ“ во Скопје чие јубилејно 10 издание ќе се случи годинава, исто така организатор на повеќе работилници за визуелна антропологија и етнографски филм за студенти, истражувач на неколку значајни проекти, но и првата студентка во Македонија која дипломираше онлајн.

На почетокот на годината етнографката го најави својот најголем проект досега, а тоа е претстојната експедиција низ сите 1.645 македонски села од која ќе произлезат повеќе монографии, брошури, работилници, изложби и книги со живописни патописи. Таа за Радио МОФ откри за потфатот, колку време тој ќе трае и кои се нејзините очекувања, но и кои се почетните нешта кои треба да се средат за да се зачува традицијата. За секој предел организирани се тимови од етнолози, антрополози, историчари, фотографи и луѓе кои си ја љубат Македонија, па на Кристина ѝ се потребни финансиски средства за хонорари и основни потреби како сместување, гориво, храна и хонорар.

Кристина, веројатно веќе имаш започнато со детално планирање на експедицијата која ја најави. Па, дали отприлика знаеш кога и од каде ќе ја започнеш, но и колку би траела таа во најмала рака? 

Откако ја најавив експедицијата, веќе неколку месеци работам на истата, според сите потребни калкулации во рамки на времето, експедицијата ќе трае пет-шест години, затоа што сакам да им се посветам на сите села детално. Тоа што можам сега да ви го откријам е дека за прва дестинација ја одбрав етнографската целина Преспа, престолнината на Цар Самуил. Етнографската целина Преспа вклучува 46 села во македонскиот дел, 22 села во грчкиот и 9 села во албанскиот дел. За тоа истражување предвидени ми се околу два месеци престој во Преспа.

Повеќе села во Македонија се веќе во изумирање, а некои немаат ниту еден жител. Како би се одвивале истражувањата на места во кои нема човечко сведоштво?

Многу ми е тешко на душата секогаш кога ќе прочитам дека животот во селата е на прагот на изумирање, особено кога има таков голем потенцијал да бидат темел на државата, како низ минатото што биле. Инаку, селата каде што нема човечко сведоштво, и покрај тоа ќе бидат документирани преку фотографија и дрон, а информациите ќе се потрудам да ги пронајдам во стручна литература но и преку соговорници од фејсбук групите назначени со имињата на тие села.

Кои се твоите очекувања од проектот? Што би сакала да осознаеш и доживееш за подоцна да го раскажеш?

Да мине се’ во најдобар ред. Спокојно, кротко и содржајно. Тоа што сакам да осознаам првично е душата на Македонија, животот на селата во минатото и сега, нивната функција на постоење, како и широката палета на културно материјално и нематеријално наследство со кои располагаат тие.

Твојата цел да ја дигитализираш убавината на руралното македонско богатство некогаш и сега е многу благороден труд. Освен доживувањата и мекамот, како што би рекла ти, односно задоволството од работата, која е најголемата мотивација за да го реализираш овој план?

Покрај љубовта кон Македонија, мотивација ми се сите оние луѓе од земјава, знајни и незнајни, кои со сите сили и напори се изборуваат за неа, битисуваат во просторот и храбро и гласно ги искажуваат своите идеи и дела во реализирањето и создавањето на пристоен живот. Ова е за сите нас под ова сонце. Си требаме сплотени. Ни треба љубов.

Како млад, но искусен етнолог и антрополог, што би им порачала на вистинските вљубеници во нашата историја и природата која го оплеменува ова тло?

Никогаш да не се откажуваат од македонскиот мозаик убавини и историја, бидејќи тие се живи архиви во движење, како и секоја своја идеја гласно да ја кажат и да се борат за неа сѐ до последниот здив.

Дополнително, кој би бил твојот совет, пред сѐ кон надлежните, за тоа како да се зачува традицијата, да се развие селскиот туризам и огромното богатство кое тој го нуди?

Едноставно потребно е да им се вдахне надеж на луѓето за животот на село, а со тоа нивните потреби да бидат ставени на прво место, затоа што богато село е еднакво на богат град односно богата држава. Потоа, да се воведат издржливи правилници за зачувување и обнова на автентична архитектура, да се одржува природата, да се изгради инфраструктура, да се воведе струја, мрежа, интернет, вода. На пример, селата Стење и Коњско се опколени со вода а немаат вода за пиење, што претставува прав парадокс. Сѐ започнува со задоволувањето на основните потреби, па сѐ до изградбата на соодветни туристички и угостителски објекти. Сѐ што ќе се создава и заработува во рамки на руралниот туризам, да се вложува во селото, на тој начин ќе се урбанизира, опстане и ќе се спаси од изумирање.

Ангела Петкова
Фото: Мекам.мк