[Интервју] Дејан Сламков: Медиумите сѐ уште „дипломатски“ зборуваат на ЛГБТ+ теми

Една година на онлајн радиото на Радио МОФ одекнува подкастот „Save our children“ со водителот Дејан Сламков. Поткастот обработува ЛГБТИ+ прашања, а иако започна скромно, брзо стана препознатлив за локалната квир заедница.

Во време кога се објавуваат новогодишни ретроспективи, решивме да поразговараме со Дејан и да направиме еден осврт на сите среќни, но и не-толку-среќни моменти кои се случија со објавувањето на десетте епизоди.

Со Дејан разговаравме за самите почетоци, бројните гости и отворени теми, една избришана епизода, дрег-сцената, и онлајн говорот на омраза што го предизвика една шарена клупа во неговото родно Стојаково.

Дејан вели дека идејата за снимање на подкастот била спонтана – тој сакал некако да помогне на ЛГБТИ+ заедницата, макар и со водење на профили на социјалните мрежи, но случајно налетал на конкурсот на Радио МОФ за волонтерски подкасти и решил да си ја проба среќата.

„Си помислив, ‘времето е сега’ и го испратив концептот за подкастот, не знаев име, ни ништо, сето тоа се смисли подоцна“, вели водителот.

„Агендата“ или „Спасете ги нашите деца“

Подкастот кој сега го знаеме како „Save our children“, можело да се вика и „Агендата“, поради како што вели Дејан, хомофобичниот наратив кој е исполнет со „ЛГБТИ+ агенда“.

„Кога размислував за име сакав да биде нешто контроверзно, нешто што ќе падне во око на читателите и кога размислував, сакав да биде нешто што другите, најчесто хомофобите, го користат против нас, а технички нема смисла. На некој начин да си го преземеме назад наративот“, вели тој.

Дејан сепак се одлучил за „Save our children“ (Да ги спасиме нашите деца), бидејќи тоа е моментално најпопуларната фраза користена од хомофобите.

„Тоа им е секој втор збор сега, кога го напуштија наративот на ‘болест’, сега се префрлија на децата, ‘да не му ги научиме’ на ова, па сакаат да ги спасат од нас, но си викам добро, има ЛГБТ деца што треба да се спасат од таквите ставови и тоа беше моето размислување – нешто контроверзно“, нагласува водителот.

Гласна слобода од глувата соба

Дејан вели дека подкастот „Save our children“ е за обични луѓе, луѓе од секојдневието и нивните приказни. Токму таква е неговата, за неговото разоткривање на сексуалната ориентација, која трае три епизоди.

„Сакав публиката да знае дека тука ќе бидеме ранливи, ќе бидеме искрени, ќе разговараме за нашите чувства и ќе биде безбедно место каде што ќе може да си го кажеме тоа што можеби на друго место не можеме и заради тоа почнав со мојата приказна најискрено што можам – како сум се справил со родители, пријатели, некои не толку позитивни случки и после тоа веќе размислував на гости“, вели тој.

Дејан објаснува дека сака да кани „обични“ луѓе, а не медиумски познати лица, за кои претпоставувал дека ќе му дадат механички одговори.

„Сакав да поканувам обични луѓе, пријатели, познаници, за тие да си ја кажат својата приказна и на тој начин да се покаже дека и ние сме ‘нормални’ луѓе. Ние си имаме живот, си живееме како сите други, поминуваме низ тешки периоди како сите други и така гледам гостите да бидат, ‘обични луѓе’“, вели тој.

Кој сѐ седна на „жешкото столче“ во радиото?

„Coming оut“ искуства, „Лезбејски манифест“, дрег-кралици, шарени клупи во Стојаково и транс искуства беа дел од првата сезона на подкастот.

Првите три епизоди се за „разоткривањето“ на Дејан, додека веќе во четвртата епизода гостува активистот Стефан Петровски, а се разговара за ЛГБТИ+ активизмот.

Во петтата епизода гостува дрег-кралицата Tōkyō de Ville и се зборува дрег културата и скопските настапи, додека шестата епизода е посветена на „Лезбејски Манифест“.

„Во шестата епизода гостуваше моја другарка, лезбејка, а јас слушнав така низ муабети дека постои некој ‘Лезбејски манифест’ како документ да видиш ‘дали си лезбејка’. И ми беше интересна таа идеа, да го прочитаме тој документ и да видиме што е, како е, ама тоа со лезбејка да биде и таа да ни ги споделува нејзините искуства“, вели Дејан.

Седмата епизода од „Save our children“ e посветена на онлајн говорот на омраза со кој се соочи Дејан од жители на Стојаково.

„Седмата епизода беше осврт на тој настан. Јас поминував низ сите објави и зборував како сум се чувствувал низ тој процес“, вели тој.

Осмата епизода е посветена на „симптомите на хомосексуалност“ во која гостува претходна гостинка, а епизодата ги разработува „симптомите“ или суптилните, но важни знаци преку кои низ животот може да се сигнализира „поинаквата“ сексуална ориентација.

Во деветата епизода од подкастот гостуваа двајца транс мажи, кои раскажуваат за тоа како е да си транс во земјава, но и за хормонската терапија и транзицијата.

„Последната, десеттата епизода е со дечко ми и двајца мои пријатели и во оваа епизода разговаравме онака како што разговараме кога седиме заедно, без некоја конкретна тема“, додава Дејан.

Тој вели дека лично за него, најзабавни за снимање биле епизодите за дрег-културата и „Лејзбејскиот манифест“.

„За мене лично тоа беше дрег-кралицата, а така нешто што емотивно ме погоди беше со другарка ми, лезбејката, бидејќи се отворивме и двајцата, си разговаравме, ние сме пријатели и јас многу сакам кога разговараме за чувства, па затоа овие две епизоди можам да ги одделам“, вели водителот.

Медиумска дипломатија

И додека Дејан вели дека досега, неколкупати го препознавале во автобус и на Парадата на гордоста, не може а да се заобиколи фактот дека медиумите сѐ уште „дипломатски“ зборуваат на ЛГБТИ+ теми.

„Ми се има неколку пати случено да ме препознаваат луѓе, во автобус и исто на Прајдот, таму и мајка ми беше со мене. Повеќето ме застануваа бидејќи повеќето беа квир луѓе во стил ‘еј здраво, супер подкаст’, ми кажуваа за која е нивна омилена епизода“, вели тој.

Дејан забележува дека надвор од „бум“ настаните, како Парадата на гордоста или кога ќе се добијат нови, или ќе се ускратат правата на квир луѓето на ниво на Европа, ретко е да се види медиумска содржина.

„Баш тоа и ми фалеше кога размислував да правам нешто поврзано со ЛГБТИ+ култура, односно подкастов, бидејќи сѐ што ќе видиме во медиумите е на некој начин сензационалистички. Парада – WOW, нешто се случува – WOW, интервју со активист  –  WOW,  структурирани прашања и начинот на којшто  се зборува – ‘сега ќе правиме интервју со геј личност’ – WOW. Значи нормален човек си, разговараме“, вели Дејан, додавајќи дека има простор за прогрес во македонскиот медиумски простор кога станува збор за ЛГБТИ+ теми.

Во комшии секогаш подобро

Кога станува збор за јутуберите и влогерите, сцена која од година во година сѐ повеќе се развива, Дејан вели дека и таму ситуацијата е слична.

„Хомофобични содржини немам видено искрено во македонскиот инфлуенсерски простор, не сум видел нешто негативно. Не сум видел нешто позитивно, ама ни премногу негативно“, посочува тој.

Од друга страна, вели Дејан, надвор од Македонија, во комшии на Балканот, изборот е голем.

„Постојат на Балканот српски инфлуенсери што јас ги следам, кои што отворено се ‘аут’, и отворено разговараат за тоа. Имаме разновидна репрезентација. Можеби не во Македонија, ама на Балканот, имаме разновидна репрезентација. Така што, мислам дека сево ова на некој начин ја подобрува состојбата на квир луѓето“, забележува тој.

По што ќе ја паметиме првата сезона „Save our children“?

Онлајн говорот на омраза, една случајно избришана епизода и многу, многу поддршка се незаборавливите моменти за Дејан од првата сезона на подкастот.

Случајно збришана беше една епизода, во која гостуваше родител на ЛГБТИ+ лице.

„Бев возбуден за таа епизода и публиката беше возбудена за таа епизода, а со родителот исто не можам пак да стапам во контакт и пак да снимаме, но ете се случи и тоа.  Кога зборуваме за ‘хајлајтс’ еден од нив  е тоа што најпозитивно од сево ова е поддршката која ја добив. Директно кон мене, но и со заедницата како заедно се браневме“, вели Дејан.

Колку е опасна клупа во бои на виножито?

Минатиот јули, во училиштен двор во Стојаково, осамна клупа во боите на виножитото. Клупата, иако поставена во рамки на реновирањето на објектот, поттикна говор на омраза кон Дејан, бидејќи локалните жители виножитото го асоцираат со ЛГБТИ+ заедницата, поконкретно со Дејан, како единствениот жител на Стојаково кој е отворено геј.

„Кога јас станав цел на онлајн говор на омраза, многу луѓе што јас лично не ги знам застанаа позади мене и ме поддржаа. Тоа ми беше пријатно, кога видов дека имам многу поддршка од голем број на луѓе без разлика дали се од заедницата или не“, истакнува тој.

Сеачите на омраза најчесто поминуваат неказнето

Дејан истакнува дека подкастот и претходно бил мета на омраза, па нападите врз него биле нешто за кое тој сметал дека е подготвен, но реалноста била поинаква.

„Бевме навикнати на нашето ќоше на интернетот, бевме безбедни  и наеднаш кога така ме нападнаа не бев спремен да се соочам со тоа. Мислев дека сум, но не бев. Тоа ме турна во изолација еден месец по настанот. Ама ретроспективно гледано, јас не сакав да се вратам во Стојаково, ми беше страв да си одам“, вели тој.

Чувството на страв да се вратиш во родното место за него било поразително.

„Таму живеат твоите родители, таму имаш пријатели и мене ми беше страв да си одам дома, да одам таму до продавница, бидејќи станува збор за мало место, 1000 луѓе се. После три-четири месеци си реков ‘јас морам да си одам веќе, не можам да живеам со овој страв, мора да преземам чекор’ и си отидов дома, а за среќа не се случи ништо“, се потсетува Дејан.

Тој вели дека по нападите, не се случила никаква посебна разврска.

„Немаше разврска, училиштето остана немо на сево ова, освен изјавата на директорката. Разврска на некој начин беше статијата на Радио МОФ, ама јас не бев задоволен од изјавата на директорката бидејќи таа изгледа како да танцува околу ЛГБТИ+ темата“, посочува Дејан.

Тој забележува дека уште еден многу важен позитивен аспект е поддршката која ја добил и од блиските и од непознатите луѓе.

„Најубаво ми е кога тато и мама ќе ја вокализираат поддршката.  Тато стана активист, тој влијае во неговите кругови, ако тоа можеме да го наречеме активизам. Јас кога ќе кажам активизам мислам на тоа позитивно да влијаеш во твојата околина за поголем општествен напредок. Како што може тато кој е едуциран пред 40 години да знае сѐ на темава, така може секој. Нема веќе изговори, ‘ова е за млади, јас не разбирам’. Ќе разбереш. Како што може тато, така можеш и ти“, објаснува тој.

Новогодишни желби

Со Дејан разговаравме и за тоа колку Скопје нуди забава за квир лицата, а тој вели дека во градов, квир културата сѐ  уште се развива.

„Оди во насока да биде тоа што сакаме да биде, бидејќи во моментов нема многу платформи на кои би можела да се развива. Да се чувствуваме удобно кога би отишле на тие места. Има многу queer friendly места, ама не се ескплицитно квир места. Има едно експлицитно квир место во Скопје кај што се организираат квир забави или работилници, ама немаме клуб. Потребно е уште прогрес за сите да бидеме удобни“, вели тој.

Во ретроспективниот разговор незаобиколиви беа и новогодишните желби. Дејан најавува, нова, втора сезона од „Save our children“.

„Се надевам дека подкастот ќе можам да го правам почесто. Се надевам дека во втората сезона ќе  бидам поактивен. Имам многу идеи, ама или не наоѓам време да ги направам бидејќи и студирам и работам, па се надевам дека ќе го најдам правиот баланс на сите овие работи во новата година“, порачува Дејан.

Ивана Смилевска