Иницијативата „Сакаме ноќен живот во Скопје“ најави протест на 27 јули

Преку пораката „Младите треба да живеат, Скопје треба да живее!“, иницијативата „Сакаме ноќен живот во Скопје“ најави протест пред Владата на 27 јули, со почеток во 20 часот.

„Ниту еден летен клуб во Скопје сè уште нема добиено лиценца за работа. За таа цел ги повикуваме надлежните да го решат проблемот на метрополата со немањето на понуда за ноќен живот“, се вели во најавата.

Вчера, претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски, во име на летните ноќни клубови истакна дека за разлика од минати години пред пандемијата, кога Скопје сè уште Скопје имал можност да се натпреварува со останати балкански градови во квалитетот на понуда на полноќните настани и програми, ова лето познатите забави веќе не постојат.

„После долг период затворени и изолирани од дружење и забава младите повторно немаат каде да се социјализираат и забавуваат. Каде и што е тоа што се променило оваа година за да Mинистерството за економија не може да издаде лиценци, кога три децении летните ноќни клубови истата документација ја добивале? И наместо да се најдат начини и можности да го одржиме барем на минимално ниво ноќниот живот во градот ова лето, скопскиот полноќен живот е во целосен мрак“, рече Јосифовски на вчерашната прес-конференција.

Од МВР, пак, велат дека се работи за неколку угостители со објекти во Градски парк, чии барања се правно неиздржани и не исполнуваат сообраќајни услови.

Летни дискотеки се жалат дека не им издаваат лиценци, МВР тврди дека не исполнуваат сообраќајни услови