Иницијатива за заживување на кариерните центри во универзитетите

Група студенти од првиот приватен универзитет ФОН и државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“, поддржани од Националниот младински совет на Македонија спроведоа иницијатива под мотото „До успешни кариери без бариери“.

Цел на иницијативата е заживување на веќе постоечките, но за жал нефункционални кариерни центри при првиот приватен универзитет ФОН и Филозофскиот и Филолошкиот факултет при државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“.

Потребата од функционални кариерни центри кои ќе ги известуваат студентите за можности за домашни и странски стипендии, стажирање, практични работилници, обуки, семинари и сл. е повеќе од неопходна за персонална и професионална надоградба на студентите. Во текот на неколкучасовната акција беа собрани над 280 потписи од студентите, соопштуваат од Националниот младински совет на Македонија.

Иницијативата произлегува од обуките за млади во склоп на проектот „Младинско граѓанско образование“ со поддршка од Националниот младински совет на Македонија. Од НМСМ велат дека обуките се спроведени со цел да се поттикне младински граѓански активизам преку имплементација на конкретни проекти од страна на самите учесници.