[Инфографик] Огромни 85.8% од отпадните индустриски води се испуштаат непрочистени во природата

Испуштените води од индустријата во земјава во огромно мнозинство се вливаат како непречистени во македонските реки, езера и акумулации. Овој алармантен податок го објави Државниот завод за статистика и за 2021 година. Од вкупно испуштените води од индустријата, само 14,2 отсто лани биле пречистени. Преостанатите 85,8 отсто од индустриските води биле испуштени како непречистени во природата, се наведува во Извештајот „Користење и заштита на водите од загадување во индустријата, 2021 година“.

Вкупното количество на вода која што ја користела македонската индустрија во 2021 година изнесувала 1.591.милиони метри кубни, при што споредено со 2020 година, истата бележи зголемување од 9,2 отсто. Најголем корисник на водите е секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде од 1.538 милиони метри кубни искористена вода, само 214 милиони метри кубни лани биле пречистени.

Покрај енергетиката која што најмногу го користела водниот потенцијал, најмногу загрижува фактот што најголем дел од преработувачката индустрија во земјава користи води кои непречистени ги испуштила во реките, езерата и акумулациите. Од 8 милиони метри кубни вода што биле искористени од овие фабрики во 2021 година, само 3 милиони метри кубни како пречистени биле испуштени во природата. Во секторот Рударство и вадење на камен, од 4 милиони метри кубни вода што биле искористени, 3 милиони се вратиле во природата како пречистени.

Откако биле искористени од индустријата, 85,8 отсто од водите лани биле испуштени во водотеците, 13,7 отсто во езерата, додека речиси 0,5 отсто биле испуштени на други локации.

Инспекциски надзори има, но казни помалку

До Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) поставивме прашање за тоа колку од инспекциските надзори, како и од напишаните казни за загадување на водите се однесуваат на индустриските објекти-компании како причинители на истите. Од ДИЖС за Мета.мк објаснуваат дека генерално за загадувањето на водите сите загадувачи се правни субјекти кои вршат индустриски процеси во земјава.

Свои надлежности за загадување на водите имаат и самите општини, но Мета.мк веќе пишуваше дека повеќе од половина од локалните самоуправи во земјава немаат свои инспектори за екологија, а со тоа воопшто не прават контроли на загадувањето на водите што се случува на територијата на нивните општини.

Според Извештајот за работењето на ДИЖС за периодот јули-декември 2021 година, биле реализирани вкупно 1.171 инспекциски надзори. Инспекторатот во овој период постапувал по 10 закони, при што за почитувањето на Законот за води биле извршени 234 инспекциски надзори низ целата земја. Извештајот покажува дека по овој закон се вршат најмногу инспекциски надзори, заедно со Законот за животна средина и Законот за управување со отпад. Притоа, во шесте месеци од минатата година биле изречени девет парични казни во вкупна висина од 380.000 евра, во кои се вклучени и казните за загадувачите на водите.

Од ДИЖС објаснуваат дека во првите три месеци од 2022 година извршиле 590 редовни, контролни и вонредни инспекциски надзори во однос на почитувањето на сите закони, вклучувајќи и за загадувањето на водите. Во делот на санкции, казнети се три складови за секундарни суровини и три физички лица, поднесено е барање против непознат сторител за кривична пријава за опожарување на трска во Охридското езеро кај селото Калишта.

Во периодот јануари-март 2022 година, Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање за три предмети против Боров дол - Радовиш, Бучим - Радовиш и Булмак - Радовиш донела одлука за три глоби во вредност од 70.000, 40.000 и 33.000 евра.

Во делот на санкциите, предметот за „Еуро-брик компани Велес“, е пред Комисија за спогодување, а станува збор за прекршок од трета категорија, за што може да се одреди максимален износ од 100.000 евра. Додека за ЈП „Водовод и Канализација“ од Скопје и ЈП „Турија“ од Василево се определени прекршочни платни налози од страна на ДИЖС.

Од ДИЖС објаснуваат дека изречените санкции се наплаќаат од индустриските субјекти преку платни налози или преку одлуки на Комисијата за прекршоци или Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.