Индиската „мафија за мамење“ работи со полна пареа за завршните средношколски тестирања

Неколку минути откако почнал последниот тест по математика во неговото средно училиште во Њу Делхи, Рагав побарал да оди во тоалет. Таму, ги испратил фотографиите од тестот кој скришно го сликал на телефонски број кој му бил пратен неколку дена претходно. Неколку минути подоцна, одговорите се појавиле на екранот на неговиот телефон.

„Тоа не е мамење. Тоа е излез“, смета мајка му Сунита, која платила 16.000 рупии (околу 175 долари) за нејзиниот син да го добие телефонскиот број.

Во сторијата на Гардијан се наведува дека годишното тестирање во Индија минатиот месец ја опфатило цела земја, каде десетици милиони ученици поминуваат строги тестирања за да добијат некое од ограничените места на индиските универзитети. Најдобрите од нив имаат школарини кои се околу една десетина од оние на Кембриџ и Оксфорд.

Покрај учениците, во државата напорно работи и таканаречената „мафија за мамење“, широка мрежа насочена кон профит од очајноста на учениците и родителите да напредуваат во земја во која, секоја година, 17 милиони луѓе се вклучуваат на пазарот на трудот каде се вработуваат само 5,5 милиони од нив.

Минатата недела, тестовите по два предмети протекле на WhatsApp час и половина пред тестирањето. Повеќе од 2,8 милиони ученици од Њу Делхи и околните градови ќе мораат да го преполагаат тестот кон крајот на април.

„Тоа е ментална тортура. Учев по цели денови и станував и во ноќта за последниот тест“, вели Кират Каул, 15 годишен ученик кој ќе мора да го преполага тестирањето.

„Расипан образовен систем“

Мамењето на тестирањата во Индија е распространето, организирано и разработено. Во Бихар, една од најсиромашните провинции во дравата, повеќе од 1.000 ученици во февруари биле избркани од училиштата поради мамење.

Минатата година, ученик кој бил најдобар во една провинција по предметот уметност, се испоставило дека е 42-годишен човек. Ученик со највисок успех во 2016 година ја изгубил својата диплома откако покренал сомневања, помеѓу другото со тоа што во телевизиско интервју изјавила дека политикологијата е наука за готвењето.

Во 2015 година Бихар стигна до светските медиуми откако беше објавено видео во кое се гледа како родителите буквално се искачуваат по зграда од пет ката за да им достават одговори на своите деца кои полагаат внатре во објектот. Оваа година, за да се обезбеди регуларност, властите поставиле камери во просториите за тестирање и ги принудуваат учениците да ги остават своите чевли и чорапи пред влезот.

„Ова секако е знак на расипан образовен систем“, вели Јамини Ајар, извршната директорка на Центарот за истражувања политики.

За ова распространето мамење таа вели дека е виновно коктелот на големиот притисок да се добие место во универзитетите и систем кој е фокусиран на градење нови училишта, но е незаинтересиран за она што се случува внатре во нив.

„Истражувањата ни покажуваат дека во просек околу половина од учениците кои добиваат петки можат да читаат текстови кои се стандард за двојка“, вели.

Мотивирањето на наставниците и администраторите е исто така погрешно, додава таа, бидејќи бонусите и унапредувањето, кои се базираат на процентот на деца кои успешно ги полагаат тестовите, ги принудува наставниците или да им помагаат во мамењето или да се прават дека не го забележуваат.

Сунита, која барала нејзиното име да биде променето поради правни последици, стапила во контакт со индиската „мафија за мамење“ преку тренинг центар за тестирање, кое нејзиниот син го посетувал пред финалните тестирања минатата година.

„Наставникот рече, вашиот син е многу слаб госпоѓо. И навистина, мојот син не беше многу заинтересиран за учење, а јас не сакав да ја повторува годината“, се присетува таа.

Приватниот тутор и понудил да ја поврзе со некој кој може на Рагав да му ги испрати одговорите на прашањата по тестовите од економика и математика. Никој нема да го знае идентитетот на лицето од другата страна на телефонската линија. Таа ја прифатила понудата, како и други четири или пет семејства.

„Тоа е редовна пракса“, вели таа. А истовремено и лукративна. „Сите ние заедно веројатно сме му платиле на човекот околу 60 илјади рупии“.

Социјалната мобилност во Индија се подобрува, судејќи по истражувањата. Но, не доволно брзо за да ги задоволи очекувањата на генерациите пораснати со социјалните мрежи, западната поп-култура и ветувањата дека вистинското време во Индија конечно стигна.

„Истите тие сили ги принудуваат младите Индијци на влез во овие економии создадени на измама“, вели Сунита.

„Се работи за недостаток на легитимни опции на формалниот пазар на труд и тенката линија помеѓу чесната и нечесната работа, можноста да се регистрираат дупки во пазарот на услуги и можноста да се претворат во места за лесна заработувачка“.

Со помош на телефоните за мамење, Рагав ги положил сите свои предмети. Тој сега зема приватни часови по фотографија и сака професионално да работи со својот фотоапарат. Каул, во меѓувреме учи макотрпно, подготвувајќи се за нејзиниот тест по математика на 25-ти април.

„Се плашам дека оние кои мамат ќе бидат подобри од мене. Се трудам многу, но луѓето ги гледаат единствено резултатите – а не тоа дека некој мамел“, објаснува таа.