Илјадници Романци протестираа против предлог одредбата за помилување на затвореници

Десетици илјади луѓе вчера маршираа низ главниот град на Романија, како и во други градови, протестирајќи против владиниот предлог да се помилуваат стотици затвореници. Граѓаните сметаат дека овој чекор ќе ја попречи борбата против корупцијата.

Демонстраните се собраа на Универзитетскиот плоштад и ја нарекоа владејачката Социјал демократска партија „црвена чума“. Потоа маршираа по Плоштадот на победата, каде се наоѓа седиштето на владата. Премиерот Сорин Гриндеани побара донесување итна мерка на владата со која ќе се помилуваат затвореници за да се намали пренатрупаноста во затворите.

Тој кажа дека протестите биле „политизирани“ и го критикуваше претседателот Клаус Јоанис, кој учествуваше на сличен протест минатата недела. Критичарите велат дека предлогот ќе им користи на сојузниците на владејачката партија осудени за корупција. Романскиот јавен обвинител, исто така, го критикуваше предлогот.

Предлог одредбата ќе се однесува на луѓе осудени на помалку од пет години, освен оние кои се осудени за сексуален или насилен криминал.

Затворениците возрасни повеќе од 60 години, бремените жени, како и затвореничките со мали деца ќе добијат преполовени казни, без разлика на обвиненијата за кои биле осудени.

Владата вели дека нејзиниот предлог ќе значи ослободување на 2 500 затвореници, додека властите во затворите проценуваат дека бројката би достигнала и до 3 700.

Освен во Букурешт, протести се одржаа и во Клуј, Тимисоара и во уште десетина други градови низ Романија.