Илјадници граѓани на про-ЕУ собир во Молдавија наспроти тензиите со Русија

Во главниот град на Молдавија, Кишинев, синоќа се одржа огромен про-ЕУ собир организиран од претседателката Маја Санду.

Според процените на демонстрациите учествувале 75 илјади луѓе, кои излегоа на улиците за да дадат поддршка на напорите на Санду земјата да добие членство во Европската Унија. На собирот можеа да се видат многу знамиња на ЕУ и да се слушнат извици со поддршка за европската перспектива на државата.

Нејзината про-западно ориентирана влада претходно ја обвини Русија за предизвикување тензии и поддршка на опозициската про-руска Сор партија. Властите во Москва негираат било какво мешање во внатрешните работи на Молдавија.

Санду на собирот пред граѓаните изјави дека земјата повеќе не сака да биде оставена надвор.

„Не сакаме повеќе да бидеме на периферијата на Европа“, рече претседателката, додавајќи дека Молдавија ќе стане членка на ЕУ до 2030 година.

Таа исто така во говорот изјави дека земјата „не сака да биде уценувана од Кремлин“.

Заедно со неа на говорницата беше и претседателката на Европскиот парламент, Робарта Мецола, која ја пофали државата за истрајноста во отпорот на руските закани.

Во февруари Санду ја обвини Русија за завера во која преку саботажа сакаат да ја срушат нејзината влада. Руското министерство за надворешни работи ги отфрла овие обвинувања нарекувајќи ги „целосно неосновани“.

Молдавија е поранешна република од Советскиот Сојуз со околу 2,6 милиони жители. Земјата минатата година поднесе кандидатура за членство во ЕУ, а во јуни 2022 стана земја кандидат за членство, заедно со Украина.

Руската инвазија врз Украина го забрза евроинтеграцискиот процес во овие две земји, најмногу поради заштитата од руските закани.

Молдавија беше тешко погодена од војната. Во повеќе наврати руски ракети го поминуваа нејзиниот воздушен простор на пат кон Украина.

Земјата, која се наоѓа помеѓу Украина и Романија, е зависна од рускиот гас, факт кој властите во Москва го злоупотребуваа минатата година со тоа што ги преполовија количините наменети за Молдавија. Овој потег предизвика масовни протести поради високиот раст на цените на гасот и струјата, што предизвика оставка од молдавската премиерка Наталија Гаврилита на почетокот на годинава.