ИЈЗ со препораки за жителите во реони со „екстремно лош“ и „лош“ квалитет на воздух

Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) истакнуваат дека според Европскиот Индекс за квалитет на воздух, моменталниот Индекс за квалитет на воздух се категоризира како екстремно лош на мерните станици во Берово, Гостивар и Тетово заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

Како многу лош се класифицира воздухот во Струмица, Битола 2, Кичево заради заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Ѓорче Петров заради зголемени концентрации на PM2.5 честички. Во Скопје, односно Лисиче и Центар, Неготино и Прилеп воздухот е класифициран како лош заради зголемените концентрации на PM10 честички, додека во Кочани и Гевгелија заради зголемени концентрации на PM2.5 честички.

Од Институтот препорачуваат граѓаните од Берово, Гостивар и Тетово да останат дома доколку нема потреба за излегување, да го намалат  физичкиот напор, особено на отворено,  доколку почувствуваат симптоми како кашлица или болки во грлото.

„Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, возрасните со срцеви проблеми и постарите луѓе треба да избегнуваат напорна физичка активност. Бремените жени треба да останат дома. Луѓето со астма може да откријат дека треба да користат почесто нивниот инхалатор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност. Лицата со хронични заболувања редовно да ја земаат терапијата, а по потреба, доколку почувствуваат симптоми, веднаш да се јават кај својот матичен доктор или во болница. Избегнувајте престој и активности на отворено. Ова се однесува не само на чувствителните групи, туку и на децата и младите кои што повеќе време поминуваат надвор на отворено, и особено на лицата кои професионално се ангажирани и работат на отворено“, гласат препораките од ИЈЗ.

Оттаму дополнуваат дека потребно е да се носи и заштитна маска на отворено, како и да не се отвораат прозорци и да се користи прочистувач на воздух без јонизатор.

За жителите на места со лош индекс на квалитетот на воздухот, односно Скопје – Лисиче и Центар, Неготино и Прилеп, се препорачува намалена активност на отворено, исхрана со многу овошје и зеленчук, седење дома…
„Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, и возрасните со проблеми со срцето, треба да ја намалат напорната физичка активност, особено на отворено, а особено ако искусат симптоми. Бремените жени треба да останат во затворен простор. Луѓето со астма може да откријат дека треба почесто да ги користат нивните инхалатори. Постарите луѓе исто така треба да го намалат физичкиот напор. Ако треба да излезете, носете маски со докажана ефикасност“, велат од Институтот.

Од ИЈЗ посочуваат дека загадувањето на воздухот највеќе под ризик се децата помлади од 5 години, постари граѓани над 65 годишна возраст , бремени жени, лица со хронични заболувања (циркулаторни/кардиоваскуларни заболувања), пациенти со астма и ХОББ, дијабетичари, луѓе кои работат на отворено, социјално загрозени катеории граѓани и пушачи чиј ризик од сериозно срцево оптоварување се зголемува меѓу 3 и 4 пати. Оние со веќе постоечки респираторни проблеми се изложени на особен ризик.

Оттаму тие објавија и насоки за генералното население, односно зајакнување на имунолошкиот систем преку исхрана со многу овошје и зеленчук, носење ефикасни заштитни маски и седење во затворени простории.

„Посетете го вашиот матичен лекар или здравствена клиника ако не се чувствувате добро и искусувате какви било негативни ефекти од загадувањето на воздухот. Останете дома ако не треба да излегувате. Возрасните и децата со проблеми со белите дробови, и возрасните со проблеми со срцето, треба да ја намалат напорната физичка активност, особено на отворено, а особено ако искусат симптоми. Бремените жени треба да останат во затворен простор. Луѓето со астма може да откријат дека треба почесто да ги користат нивните инхалатори. Постарите луѓе исто така треба да го намалат физичкиот напор“, се вели во препораките од ИЈЗ.