МЖСПП: И Охрид добива мониторинг станица за квалитет на воздухот

Екипaта на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) започна со поставување на новата автоматска мониторинг станица за следење на квалитетот на амбиенталниот воздух во грaдот Охрид. Станицата се поставува на булевар „Туристичка“ во непосредна близина на спортскиот центар „Климент Колески“.

„Со ваквата поставеност на мониторинг станицата, загадувањето на амбиентниот воздух во Општина Охрид би се мониторирал од аспект на загадувањето од согорување на горива за затоплување на резиденцијални и административни установи, особено поради доминантниот правец на ветерот од северната страна на Охрид, со вклучен удел од сообраќајот, поради близината на Булеварот Туристичка“, велат од МЖСПП.

Мониторинг станицата ќе биде дел од државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиентен воздух на МЖСПП што во моментот брои 21 мерна станица и една мобилна, секоја со по шест инструменти за следење на различни параметри.

Вредноста на мониторинг станицата е околу 100.000 евра, а средствата се обезбедени од буџетот на Министерството. Се очекува најдоцна до средина на ноември мерната станица да биде тестирана и комплетно функционална.