Хелсиншки комитет: Да престане манипулацијата на децата за политички цели

Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска реагираше дека најавената дигитализација на образованието предизвикува бројни реакции во јавноста, истовремено додавајќи дека е очигледна и инструментализацијата на ова прашање во политички цели.

Притоа, тие додаваат дека децата се изложени на бројни манипулации, лажни вести и дезинформации, за кои велат дека дополнително ја усложнуваат сериозната состојба која ја наметна пандемијата, во однос на нивната едукација и секојдневно функционирање.

„Денешниот бојкот на наставата на средношколците очигледно е дел од таквите злоупотреби, што е потврдено и од страна на Сојузот на средношколци, кој посочува дека ова здружение не е организатор на бојкотот, туку тоа се одредени групи кои манипулираат со јавноста“, стои во соопштението на Хелсиншкиот комитет.

Дополнително, тие додаваат дека со загриженост констатираат дека се случуваат активности, за кои велат дека не се во најдобар интерес на детето, туку дека претставуваат злоупотреба на децата поради политичко дејствување, нешто кое е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на дететот и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба.

„Токму затоа, ги повикуваме сите релевантни фактори во државата да ги изземат децата од своите политички активности, да преземат мерки за нивно точно и навремено информирање и на прво место да го стават интересот и добробитта на детето“, додаваат тие.

Инаку, синоќа на средношколци им биле праќани пораки за бојкотирање на наставата, поради новиот Закон за учебници со кој се воведуваат електронски учебници за учениците. Денеска пак, по социјалните мрежи се шират објави дека ученици од неколку градови ја бојкотирале наставата.

Во меѓувреме пак, пред Министерството за образование и наука (МОН), група родители поставија пункт каде собираат потписи против предлог-законот.

Ученици повикани на бојкот на настава, родители собираат потписи против Законот за дигитални учебници