Хаос со паркирањето во скопскиот Клинички центар, молк од надлежните власти

Сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје станува секојдневие за граѓаните кои се обидуваат да пронајдат паркинг место, а гужвите се и многу опасна ситуација за пациентите кои се доведуваат со брза помош и на кои им е итно потребна лекарска помош, пишува Мета.мк.

Од медиумот истакнуваат дека подолго време се обидуваат да добијат одговори за проблемот со паркирањето од ЈП „Градски паркинг“- Скопје и од Министерството за здравство, но засега постои молк од институциите на поставените прашања.

Секојдневната негативна слика во Клиничкиот центар започнува уште на самиот влез, каде што постои метеж од возила кои чекаат на ред за да влезат во здравствениот комплекс. Откако ќе си земат паркинг билет, возачите се принудени да се снаоѓаат сами во хаотичната ситуација. Несовесни возачи паркираат возила во лентата за движење, а поради застојот некои автомобили влегуваат во втората лента наменета единствено за брза помош и ја блокираат и таа лента. Со ова, се спречува и протокот на возилата на итната медицинска помош.

Најголемиот застој е веднаш по влезот во Клиничкиот центар кај хируршките клиники, бидејќи и притисокот за паркирање во овој дел од здравствениот комплекс е сконцентриран овде. Закрчување на сообраќајот има и со возилата паркирани меѓу хируршките клиники и Клиниката за гинекологија. Посебен проблем се несовесните возачи кои си го земаат автомобилот откога ќе завршат работа во некоја од клиниките и паркираат на улицата пред куќичката за наплата на ЈП „Градски паркинг“, со што се создава блокада и дополнителна гужва во сообраќајот. Има случаи и на несовесни возачи кои управуваат со автомобилите во спротивен правец од поставената сигнализација, кои исто така го влошуваат сообраќајниот хаос.

Со ваквата опасна ситуација со закрчување на сообраќајот очигледно е дека не можат да се справат вработените од ЈП „Градски паркинг“, коишто управуваат и наплаќаат за услугата паркирање во скопскиот Клинички центар. Нема кој да ги предупреди возачите коишто непрописно ги оставаат автомобилите на несоодветно место или, пак, плаќаат за паркирање сосе автомобил пред пунктот за наплата.

Од Мета.мк велат дека на нивните прашања до ЈП „Градски паркинг“- Скопје, кое управува со паркинзите во здравствениот комплекс и до Министерството за здравство кое е задолжено за нормално функционирање на здравствените установи, но и е самото лоцирано во комплексот клиники „Мајка Тереза“, не добиваат одговори, иако двете институции биле писмено исконтактирани на 28 ноември и на 2 декември.

ЈП „Градски паркинг“ не одговорил на тоа дали софтверот што го користат има ограничување за бројот на возила што може да влезат во кругот на Клиничкиот центар, дали и колку казни дневно пишуваат нивните вработени за непрописно паркирани возила во комплексот, како и колку често пајак службата на „Градски паркинг“ го посетува најзначајниот здравствен комплекс за да подига возила.

Од Министерството за здравство медиумот не добил одговор на тоа дали и колку често досега реагирале до ЈП „Градски паркинг“ за да си го решат проблемот со сообраќајниот хаос во Клиничкиот центар. Од министерството не одговориле и на прашањето кои мерки ќе ги преземат за да се надмине проблемот со недостигот на паркинг места и сообраќајниот хаос што владее во кругот на комплексот „Мајка Тереза“.