Граѓанските организации бараат одговорност за „десоросоизацијата“ и транспарентно финансирање

Расветлување на „десоросоизацијата“, независен совет за соработка со граѓанските организации и транспарентно јавно финансирање, се најитните приоритети кои ги бараат граѓанските организации за подобрување на граѓанското општество преку мерките во таканаречениот „Блупринт“ за итни демократски реформи.

Предложени се 12 приоритети, со вкупно 42 мерки, поделени во различни рокови за нивно спроведување и адресирани до надлежните институции. За почеток, од граѓанскиот сектор велат дека е неопходно расветлување на институционалниот прогон кој, од крајот на минатата година, беше спроведуван врз дел од организациите.

„Гледаме дека има одредени чекори, но уште не е утврдено докрај кои се нарачателите на овие дејства. Секако, бараме и инсистираме на одговорност на иницијаторите на оваа акција“, вели Александар Колекески од Евротинк.

Помеѓу останатите мерки кои се бараат во „Блупринтот“ се и законски измени за намалување на праговите и олеснување на на собирањето потписи за референдуми, подобри услови за ангажирање на практиканти, волонтери и младинска работа во граѓанските организации и ревидирање на даночните оптоварувања.

Се бара и гарантирано учество на граѓаните во консултативните процеси, подобрување на правната рамка и ефикасна имплементација за правото на мирни собири, како и нивно активно учество во изработката на новата владина Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор (2018-2021).

„Приоритетите главно се однесуваат на условите во кои функционираат граѓанските организации. Ние имаме иницијатива од страна на Владата за поголемо вклучување на граѓанските организации во процесите, но од друга страна самата правна и финансиска легислатива не е докрај овозможувачка за граѓанското општество. И, во таа смисла, ние инсистираме да се имплементираат овие наши предлози кои се на краткорочен, среднорочен и долгорочен период“, додава Колекески.

Дел од предлозите од „Блупринтот“ се вметнати во Владиниот акциски план „3-6-9“, но сериозен дел од мерките остануваат надвор од овој зацртан план. Засега, велат од граѓанскиот сектор, освен декларирана политичка волја, не се направени никакви законски промени на кои инсистирале, а кои би овозможиле реална промена на терен.

Во изработката на поглавјето за граѓанското општество учествуваа 13 организации.

Блупринтот“ за итни демократски реформи, кој беше доставен до Владата, го поддржуваат 73 граѓански организации и следуваше како одговор на граѓанскиот сектор на ниската доверба во институциите и квалификацијата на „заробена држава“ во извештајот на Европската Унија.

Граѓанското општество е само едно од вкупно 14-те поглавја кои опфаќаат широк спектар на општествени сегменти: од економија и правосудство, до животна средина, култура и здравство.