Графит во Охрид за 100-годишнината од раѓањето на Вангел Наумовски

Организацијата Архрид пишува дека на 22 март 1924 година е роден охридскиот визионер Вангел Наумовски. Неговиот мултидисциплинарен опус се простира во домените на сликарството, поезијата, резбарството, проектирањето, вајарството и претставува еден творечки бран за Македонската културна сцена.

„Оттука, на 23 и 24 март, како почит и благодарност кон негиовиот придонес ја одбележавме 100 годишнината од неговото раѓање во форма на графит од поголем размер. Се работи за интерпретација на една од неговите графики правени во Загреб во 1970 година, овојпат изведена на 80 метри квадратни површина во склоп на неговиот портрет. Додека локацијата, неслучајно избрана е во близина на неговиот дом и творечко гнездо-атеље, а поттикната е и иницијатива самиот јавен простор-плоштадче ‘мини маркет’ да го носи неговото име“, соопштуваат од Архрид.

Целиот склоп на оваа нова социјално-културна димензија, велат тие, биле поддржана од локални здруженија и иницијативи без кои реализацијата не би се одвивала толку брзо и течно.

„Особена благодарност за несебичната логистичка, музичка и материјална поддршка од нашите пријатели Културолошка иницијатива 5 до 12 – Охрид, меѓу кои и Lions club OHRID и Lions Club Lychnidos, Art Gallery Bukefal, Karmen Baucentar и GUGO Ohrid, благодарност до Graffiti Shop Hrom за професионалната поддршка и насока за изведба на парчето“, соопштуваат од Архрид.

Фото: Радио МОФ