Град Скопје распиша повик за субвенции за купување печки на пелети

Од денеска почнува пријавувањето за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за купување печки на пелети за 2017 година.

„Градот Скопје, со цел да ги стимулира скопјани за користење обновливи извори на енергија за затоплување на своите домови, кои минимално ги загадуваат воздухот и почвата и не влијаат врз климатските промени, на жителите коишто ќе купат печки на пелети од денот на објавување на Јавниот повик, а заклучно со 22-ри овој месец ќе им обезбеди поврат на средства во висина од 70 отсто, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход“, стои во повикот.

Јавниот повик трае седум календарски дена од денот на објавувањето, заклучно со 22 ноември 2017 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен’’.

Јавниот повик е објавен на веб-страницата на Град Скопје и во печатени медиуми.

Право на учество на овој Јавен повик имаат жителите на Скопје во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе купат печка на пелети за затоплување на својот станбен простор од денот на објавувањето на Јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок. На Јавниот повик немаат право на учество домаќинствата кои имаат приклучок на градското централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и сопствениците на станбени објекти кои се се уште во фаза на изградба и не живеат во објектите.

Купувачот на печка на пелети своето барање за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да го достави во затворен плик до Град Скопје, булевар „Илинден“ број 82, во архивата на Градот, секој работен ден од 8 до 16 часот.

Градот Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства предвидени за оваа намена, се до нивно целосно искористување.

Инаку, досега оваа мерка наиде на одобрување кај дел од јавноста, но и на многу критики. Минатата година кога во опозиција во Советот на Град Скопје беа СДСМ и коалицијата, тие гласаа за оваа мерка, но истовремено реагираа дека таа не е доволна. Уверуваа дека се работи за симболична мерка, затоа што во Скопје околу 100.000 семејства не се приклучени на системот за централното греење. Односно, само околу 200 семејства ќе можат да ги искористат овие мерки, па како единствено стратешко решение за проблемот со загадениот воздух ја потенцираа гасификацијата на Скопје.

„Доколку Коце Трајановски искрено сакаше да им помогне на скопјани, ќе одделеше поголем сума на пари за субвенции на пелети, тоа можеше да го направи од ставките за панорамски тркала, за фасади, за барокни споменици, и за фонтани, но тој ниту сака, ниту може да им помогне на скопјани, и затоа треба веднаш да си оди, со што најмногу ќе придонесе за намалување на загаденоста во градот“, рече лани во октомври опозицискиот советник Дамјан Манчевски.

Потреба за поопширен стратешки пристап кон горливиот проблем со загадувањето донесоа и резултатите од истражување кое го промовираше Градот. Токму тоа покажа дека домаќинствата со начинот на греење се најголем причинител за загадувањето со 32%, пред сообраќајот со 20%, прашината од неуредени површини и градежните активности со 19% и индустријата со 18%.

Дека греењето најмногу придонесува за загадувањето во Скопје покажа и студија на УНДП. Според ова истражување, дури 45 отсто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 насто на електрична енергија, а само 21 насто се приклучени на парно. Исто така, во текот на една грејна сезона се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја што ги има на Водно.