УНДП: Греењето најмногу загадува во Скопје, по едно Водно се сече секоја зима

Според податоците од новата студија што ја изработи Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП),  дури 45 отсто од домаќинствата во градот се греат на огревно дрво, 30 насто на електрична енергија, а само 21 насто се приклучени на парно. Студијата презентирана на координативниот состанок за загадувањето каде присуствуваа скопските градоначалници, покажува дека греењето најмногу придонесува за загадување на воздухот.

Во текот на една грејна сезона се користат 317.000 тони дрва, што е еднакво на сите дрвја што ги има на Водно, рече директорката на УНДП за Македонија, Луиза Винтон.

„Толкава шумска површина се сече во другите делови на земјата за жителите на главниот град и на регионот околу него да се затоплат во само една година. Следната сезона ќе се исече уште едно Водно и тоа ќе продолжи и во наредните години ако не се преземат мерки“, велат од УНДП.

За да се намали загадувањето на воздухот се предлагаат три мерки. Првата мерка, којашто бара најмалку финансиски средства, е да се зголеми користењето на парното греење онаму каде што има мрежа, односно што повеќе домаќинства што се имаат исклучено повторно да се приклучат на парно. Втората мерка е оние што се греат на дрва да ги заменат старите и неефикасни печки со нови грејни тела, а третата мерка, којашто е и најскапа е да се зголеми енергетската ефикасност, бидејќи над 50 насто од објектите треба да се реновираат затоа што не се енергетски ефикасни.

Сепак, истражувањето покажува дека загадувањето не доаѓа само од греењето на дрва, туку голем придонес во загадувањето на воздухот има и палењето на пластика, лакирани материјали, јоргани, облека и друго ѓубре. Во студијата, исто така, се посочува дека, освен во општината Шуто Оризари, во другите општини не постоело совпаѓање меѓу имотната состојба на граѓаните и начинот на греење, но постоело совпаѓање со образовната структура на населението, што укажува дека треба да се едуцираат граѓаните и да се работи на јакнење на нивната свест.

Податоците од студијата може да се видат преку сајтот #СкопјеСеЗагрева.