Град Скопје: Од 18 часот се укинуваат вонредните мерки и бесплатниот автобус

По добиените податоци од Државниот мониторинг систем и упатствата од Владата, Град Скопје информира дека од 18 часот се укинуваат вонредните мерки за аерозагадувањето, меѓу кои и бесплатниот автобуски превоз на ЈСП.

Според Градот, овие мерки и препораки за намалување на аерозагадувањето ќе се вратат доколку се повтори епизодата со загадувањето на воздухот (два дена над 188), за што граѓаните ќе бидат навреме информирани.

„И покрај расчистувањето на воздухот Градот Скопје апелира до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, а печките на дрва да се користат и одржуваат според упатствата на производителот“, соопштува Град Скопје.

Истовремено од Влада соопштуваат од утре (23 јануари) се укинуваат препораките и мерките околу загадувањето, распоредени како задолженија за различни институции.

Владата информира дека среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 188 мигрограми/метар кубен, и епизодата од два последователни дена е прекината на мерните места во Скопје, Битола, Гостивар и Тетово.

Има исклучок единствено за Струмица, каде мерките остануваат. Во Струмица вчера среднодневната концентрација на ПМ 10 била 199, а завчера 376 мигрограми на метар кубен.

Препораките околу аерозагадувањето, кога два дена се надминува границата од 188, се однесуваат на бесплатниот јавен превоз, прекин на градежните активности, контрола на градежништвото и инсталациите, намалување на 50% на капацитетите со А-интегрираните дозволи, потоа ослободување од работа на болните и повозрасните лица, избегнување излегување на отворено итн.