Град Скопје и Министерство за култура заеднички ќе ја градат Универзална сала

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и министерот за култура Роберт Алаѓозовски денеска потпишаа Писмо за намери преку кое се дефинираат активностите за унапредување на културата на подрачјето на Град Скопје, преку заедничко финансирање на изградбата на Универзална сала.

„Универзалната сала се враќа на градот. Во неа ќе се организираат културни и спортски настани, а граѓаните на Скопје и воопшто на Република Македонија ќе имаат можност да ги остваруваат своите општествени и културни права и вредности. Предвидено е изградбата на салата да почне во 2019 година“, рече денес Шиилегов.

Потсети дека салата веќе две години е затворена за посетител, а притоа обвини дека реконструкцијата на Универзална сала, како симбол на солидарноста, во изминатите години била предмет на манипулација од претходната власт.

„Години наназад никој не инвестираше во овој објект. Години наназад Универзална пропаѓа. Јас им ветив на златните славејчиња дека за јубилејниот 50-ти роденден ќе пеат во нова Универзална сала. Им ветив на моите сограѓани дека овој симбол на солидарноста ќе го добие својот познат сјај кој го имаше во минатото. Детските фестивали повторно ќе се вратат во Универзална“, рече Шилегов.

Според него, изградбата на салата ќе биде според најсовремените стандарди за безбедност, за удобност на гледалиштето и за пристапност до објектот. Изгледот и функционалноста ќе бидат задржани, со дополнителни содржини за други културни институции.

Министерот Алаѓозовски нагласи дека денеска се означува почетокот на обновата на Универзална сала и изрази уверување дека одличната соработка со Град Скопје ќе придонесе да се изгради „објект на културата според сите светски стандарди“.

„За жал, нашата метропола, поради состојбата во која се наоѓа Универзалната сала, нема соодветен простор за културно – уметнички манифестации меѓу 1.000 и 5.000 илјади луѓе. Во моментов нашите национални установи од културата во Скопје, филхармонијата, операта, Македонскиот народен театар и другите театри излегуваат во пресрет за да се надомести овој недостиг, но тоа создава дополнителни предизвици во нивната редовна дејност“, посочи Алаѓозовски.