Година по трагедијата на Кајмакчалан – Малку промени, уште помалку одговори

„10 февруари 2018 година. 17 часот. Еден ратрак во кој е Дејан повторно тргнува во потрага во обид да ги лоцира според остварениот контакт. Телефонскиот контакт помеѓу овој ратрак и Александар и Калина се одржува сè до 19 часот.“

Ова се последните зборови од хронологијата на настаните во извештајот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија за тоа што се случувало на врвот Кајмакчалан кога пред скоро една година животот го загубија младите планинари Калина Велевска и Александар Миновски.

Трагедијата покрена многу прашања во јавноста, но и една година подоцна истрагата во Македонија сè уште трае. Новинарката и планинарка Силвана Жежова смета дека граѓаните сè уште не добија никаков одговор за она што се случувало за време на таа кобна вечер.

Силвана Жежова

„Јавноста нема апсолутно никакви одговори и генералниот впечаток е дека истрагата тапка во место. Не знаеме ништо – ниту што се случило, како се случило, дали потфрлиле спасувачките служби на Грција, зошто воопшто се тргнало во такви услови… Ова е само една капка во морето во нефункционалноста на правниот систем. Нефункционалност на обвинителство, истраги… Веројатно во овој случај се одело со помислата секое чудо за три дена. За жал загубивме двајца млади животи и не можеме да се однесуваме вака ноншалантно кон целата работа. И јавноста и семејството, а пред сè Калина и Александар заслужуваат одговор што точно се случувало тој ден. Недозволиво е целата трагедија да помине вака, како што цела една година поминува“, вели Жежова

Освен будењето свест на индивидуално ниво, Жежова смета дека трагедијата не предизвикалa некои системски промени за зголемена безбедност на ниво на клубови или во планинарството како спорт.

„Ништо не се промени, за жал. Клубовите кои и претходно си ги почитуваа основните безбедносни стандарди и понатаму продолжија да ги почитуваат. Тие што и претходно не ги почитуваа, продолжија исто. Ниту имаше некоја посебна едукативна кампања за безбедност, ниту поголемо внимание на тоа да се обрне во рамките на клубовите, предавања, теренска работа… Не видов дека нешто се смени, за жал“, додава Жежова.

Дејан Атанасов, пак, од Планинарскиот клуб „Македон“, објаснува дека несреќата била освестување за сите кои се занимаваат со планинарење.

Дејан Атанасов

„Тој трагичен настан беше една опомена, една шлаканица, за да не освести сите нас љубители на планината, дека треба малку посериозно да се пристапи кон планинарењето“, вели тој.

Атанасов додава дека со зголемениот интерес и популарноста на планинарењето, клубовите и Планинарската федерација почувствувале потреба за поголема едукација на луѓето.

„Почнаа да организираат основни планинарски школи во рамките на сите клубови. Бројот на водичите преку соодветна обука се зголеми. Имаме доста искусни планинари кои, и тоа како, помагаат во советувањето на новите планинари. Се прават обуки во самите клубови, на различни теми. Како што се популаризира спортот. Така што се зголемува и едукацијата и обуката на планинарите со акцент на безбедноста на планина“, посочува Атанасов.

Од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) ни изјавија дека не можат да коментираат ништо околу трагичниот случај на Кајмакчалан, бидејќи процесот сè уште не е завршен.

„Суспензијата на еден планинарски водич останува во сила, а силно е опоменат друг планинарски водич да води поголема сметка при водењето на планинарските акции“, наведуваат од ФПСМ.

Од Федерацијата информираат и дека во 2018 година, организирале шест едукативни акции и обуки и објавиле седум прирачници и брошури кои се достапни на нивната интернет-страница.

„ФПСМ очекува од планинарите, учесници на акциите, да ги почитуваат препораките од водичите и од ФПСМ; физички и психички да се подготват за акцијата; да имаат функционален компас како задолжителна опрема, посебно на зимски тури; да носат соодветна опрема и облека; пред почетокот на акцијата да бараат од водичите што повеќе информации за акцијата. Планинарите не треба да одат со водичи кои не се подготвени или не се сериозни во подготовките на акциите“, посочуваат од организацијата.

И Атанасов и Жежова се согласуваат дека покрај актите и правилниците на Федерацијата, за поголема безбедност во планинарењето потребно е да се вклучи и државата преку поголемо и појасно регулирање на планинарските спортови.

„Планинарската федерација има доста акти, правилници и насоки за однесувањето на планина. Но, сметам дека на ниво на држава некои делови треба законски да се дорегулираат. Искуството од западните држави покажува дека планинарењето е законски регулирано, дали во областа на туризмот, дали во областа на спортот. Од самото функционирање на планинарските клубови, до самото водење на акцијата – тоа да биде под капа на државата“, смета Атанасов.

„Бидејќи правилниците на Федерацијата не се законски обврзувачки, според мене ова треба да се стави во некоја законска рамка. За да си има правила на функционирање, обврски, начин на однесување при планинарење. Тоа да се стави во некоја рамка, затоа што ваквите трагедии, за жал, ќе продолжуваат да ни се случуваат“, вели Жежова.

Тие препорачуваат ентузијастите за планинарење да се зачленуваат во клубови, каде можат да добијат повеќе совети и информации од искусни лица, но советуваат и граѓаните да ги проверуваат планинарските акции кои се најавуваат преку социјалните мрежи, кои не секогаш се организираат од стручни лица.

Јавноста, во меѓувреме, останува да ги чека првите официјални информации од македонското правосудство за тоа што точно се случило пред една година на „Кајмакчалан“.

Даниел Евросимоски

* Дел од изјавите првично беа објавени во емисијата „Мегафон“, посветена на безбедноста при планинарењето во Македонија.