„Гоблин моуд“ е Збор на годината според Оксфордскиот речник

„Гоблин моуд“ – гоблинско расположение, или наш предлог „гоблинжение“ е терминот кој ја доби титулата „Збор на годината“ според Оксфордскиот речник, пренесува „Гардијан“. „Гоблин моуд“ е термин кој се употребува за да се опише чувството кога на луѓето им е преку глава од глумење дека сè е фантастично и во ред во нивната околина.

Едноставно, со „гоблин моуд“ се опишува бунтовничкото однесување против растечките и недофатливи стандарди и начини на живеење кои се претставени на социјалните мрежи. Па така, оние кои се во гоблинско расположение се себични и мрзеливи и не потпаѓаат под социјалните норми и очекувања. Ова е прв збор кој е избран од страна на публиката.

Научниците од „Оксфорд“ избрале три термини од над 340.000 зборови, а според гласовите на публиката бил изгласан победникот.

Вториот збор бил „метаверзум“ додека третиот избор бил хаштагот „#IStandWith“. „Гоблин моуд“ бил победничкиот термин избран од 318.956 лица, со добиени 93 отсто од гласовите.

Претставник на Оксфордскиот речник, Каспер Гратвол, изјавил дека тој и неговите колеги се надевале дека јавноста ќе ужива во процесот, но сепак биле изненадени од заинтересираноста и степенот на вклученост.

„Имајќи предвид низ каква година поминавме, ‘гоблин моуд’ е термин погоден за сите кои се чувствуваат како да им е преку глава од сè. Олеснувачки факт е дека признаваме дека не секогаш сме идеализираната, курирана верзија од себе која ја претставуваме на социјалните мрежи“, истакнал Гратвол.

Победничкиот термин прв пат е регистриран на Твитер во 2009 година, а стана популарен на интернет во 2022 година.

„’Гоблин моуд’ е термин соодветен за духот на времето и е збор кој ја опишува 2022 како година. Луѓето ги гледаат социјалните норми низ нова перспектива. Овој термин им овозможува на луѓето да ги отфрлат социјалните норми и да воспостават свои“, изјавил американскиот лингвист Бен Зимер.

„Гоблин моуд“ им се придружува на останатите термини како „вакс“, „климатска итност“ и „селфи“ кои беа претходно избрани за „Збор на годината“ од Оксфордскиот речник.