Глобален индекс на правата на работниците – Македонија назадува

Правата на работниците во Македонија се влошени во последната година, покажува новиот Индекс на работнички права за 2018 година, кој го објавува Меѓународната конфедерација на синдикати.

Според најновото рангирање, Македонија се наоѓа во групата држави каде постојат „редовни кршења на правата“, што е едно ниво полошо од минатогодишното рангирање кога земјата била во групата држави каде има регистрирано „повеќе кршења на правата“.

Македонија е посочена заедно со Шпанија, Кенија, Хаити и Мавританија како земји кои назадувале во рангирањето за 2018 година. Во делот за Македонија извештајот наведува дека „Владата тврдоглаво одбива да преговара за Генерален колективен договор за јавниот сектор одбивајќи ги сите барања од Конфедерацијата на слободни синдикати.

Од земјите во регионот Грција се наоѓа во најлоша ситуација, позиционирани во 5-тата категорија која означува „немање гаранции за права на работниците“. Босна и Херцеговина и Србија се наоѓаат во 4-тата категорија на земји со „системски нарушувања на правата“. Албанија и Бугарија се во третата група заедно со Македонија, додека Хрватска и Црна Гора се во втората група држави каде се регистрирани „повеќе кршења на правата“.

Десетте најлоши држави за правата на работниците во 2018 година се Алжир, Бангладеш, Камбоџа, Колумбија, Египет, Гватемала, Казахстан, Филипини, Саудиска Арабија и Турција.

Индексот рангира 142 светски држави според 97 меѓународно признати индикатори за да прикаже колку се почитуваат правата на работниците според закон и во праксата.

Извештајот за 2018 година покажува дека се намалува демократскиот простор за работниците, додека се проширува неконтролираната корпоративна алчност. Бројот на земји со произволни апсења и притвори за работниците се зголемил од 44 во 2017, на 59 земји во 2018 година, додека во 54 земји била ограничена слободата на говорот.

„Демократијата е под напад во земјите кои не успеваат да го гарантираат правото на граѓаните за организирање, изразување и дејствување. Кина ја ограничи слободата на говор, додека војската во Индонезија беше користена за спречување на работничкото незадоволство“, смета Шаран Бароу, Генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати.

 

Клучните наоди од новиот извештај покажуваат:

  • 65% од државите исклучуваат некои групи на работници од законот за работни односи.
  • 87% од државите го прекршуваат правото на штрајк.
  • 81% од државите забрануваат колективен договор на дел или на сите работници.
  • Од 142 анализирани држави, 54 спречуваат или одбиваат слобода на говор или слобода на здружување.
  • Бројот на земји каде работниците се изложени на физичко насилство и закани се зголемил за 10% (од 59 на 65 држави) – вклучувајќи ги Бахреин, Хондурас, Италија и Пакистан.
  • Зголемен е бројот на држави каде биле уапсени или притворени работници од 44 во 2017 на 59 во 2018 година.
  • Во девет држави биле убиени членови на синдикални организации – Бразил, Кина, Колумбија, Гватемала, Гвинеја, Мексико, Нигер, Нигерија и Танзанија.

„Ова претставува глобална закана за демократијата и безбедноста. Властите мора да делуваат во интерес на луѓето кои работат. Тие мораат да ги променат законите за да ги запрат злуопотребите и да ја спречат корпоративната алчност“, вели Бароу.

Извештајот наведува дека Блискиот Исток и Северна Африка остануваат најлошите региони според третманот на работниците, со „кафала“ системот во Заливот кој се уште држи милиони луѓе во ропство. Во Саудиска Арабија продолжува праксата на апсолутно одбивање на основни работнички права, додека конфликтите во Либија, Палестина, Сирија и Јемен водеа кон кршење на владеењето на правото и спречување на правото за достоинствена работа. Во истражувањето се посочува и на насилно спречување на мирни протести и систематско оневозможување на формирање независни синдикатни движења од властите во Алжир и Египет.