„Ги сакаме нашите права“ – Протест на студентите во Тетово

„Додека чекавме подобри услови, нашите желби скапаа“, порачаа студентите од центарот на Тетово на денешниот протест против корупцијата во високото образование, како и за подобрување на условите за студирање.

Со пораки како: „Обединети студенти“, „Сакаме библиотека, а не корупција“, „Политички партии, стојте подалеку“ и „Ги сакаме нашите права“, студентите, најголемиот дел од нив од Државниот универзитет во Тетово, одржаа протестен марш низ градските улици.

Студентскиот протест, организиран преку социјалните мрежи, беше најавен како борба против корупцијата, дискриминацијата, плагијаторството и партизацијата на образованието.

Студентите упатија 13 барања до надлежните институции, а меѓу првите се отстранување на надоместокот од 50 евра за задолжителната двомесечна пракса, намалување на партиципацијата за странски студенти за 50% и отстранување на трошокот од 100 евра за повторен упис Универзитетот.

Меѓу барањата се и укинување на задолжителната професионална екскурзија која сами си ја финансираат, или да им ја плаќа факултетот, а револтирани се и од тоа што професори ги условуваат да купуваат нивни книги, за да добијат потпис. Бараат подобро опремени кабинети за настава, но и објавување на статутот на Универзитетот и евалуацијата што ја прават студентите  за професорите на веб-страницата на универзитетот.