Гето Руди e победник на „Новите!“ за 2017

Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Сања Михајловиќ Костадиновска, Давор Стојановски и Иван Шопов, одлучи наградата за 2017 година да ја добие ракописот „Можеше да биде и реми“ на Гето Руди (Дејан Василевски).

„Оваа збирка раскази се покажа како најзрел ракопис со најцврста структурна композиција од пристигнатите на конкурсот. Тематски, идејно и сижејно, формира интересен и лесно читлив урбан циклус на минијатурни текстови, доминантно извлечени од зачмаеното секојдневје на Скопје, во обид да се пронајде невообичаеното во беспрекорно обичната и сива повторливост на градот. Во овие текстови, болната стагнација на познатите опкружувања во нарацијата главно се придвижува преку звуците на регето, чадот на марихуаната и љубовта кон литературата. Иако ненаметливо, Гето Руди во ракописот вметнува интертекстуални врски со дел од своите омилени писатели, некаде како алузија, а на места и со директно реферирање, како во случајот со Славко Јаневски“, се вели во одлуката на жирито.

„Му ја честитаме наградата на авторот, а истовремено им се заблагодаруваме и на сите останати учесници, кои со своите ракописи придонесоа за квалитетот на конкурсот „Новите!“ за 2017 година“, се вели во соопштението.

Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.