„Наместо велосипед, ми купија инхалатор“- нов протест поради загадувањето од „Вардариште“

„Ова е последно што ни останува, или ќе протестираме или ќе се иселиме“, вели за Радио МОФ, граѓанка која попладнево се приклучи на протестот поради загадувањето од депонијата „Вардариште“.

Со блокада на четири влезови кон пругата, денеска десетици граѓани пред рампата во Маџари дојдоа пешки и со велосипеди, за по втор пат да го изразат незадоволството поради загадувањето од депонијата, за која велат дека ги загадува не само Гази Баба и Аеродром, туку целата скопска котлина.

„Наместо велосипед, ми купија инхалатор“, „Шилегов, има ли цена еден човечки живот“, „Нашите деца имаат право на чист воздух“, беа дел од пораките истакнати на протестот.

Јовица Трајковски, исто така жител на Маџари вели дека чаре се барало во сите институции, но беа решение. Па затоа, се одлучиле да излезат на протест.

„Не отруја „комшиите“ тука, па мораме вака да ги сопреме, друг начин нема. Секој ден палат, секој ден магла… го палат ѓубрето, тоа е“, изјави Трајковски.

Најголемиот проблем на граѓаните е депонијата која со години е затворена, но на терен, како што појаснува Далибор Коцевски еден од организаторите на протестот, работите не стојат така. Напротив, вели, секојдневно се натрупува ѓубре кое испушта смрдеа која потоа се чувствува во населбите Маџари, Сингелиќ, Хиподром, Лисиче и Аеродром.

„Дополнителен проблем е фактот што од пред две години веќе поставена е од Град Скопје претоварната станица којашто не работи по никакви стандарди. Односно, неселектираното ѓубре се положува на отворено, седи тука неколку дена, па потоа се транспортира до Дрисла, а за тие неколку дена тоа дополнително ја засилува смрдеата. Најголемиот проблем во целата приказна преставуваат дивонаселените Роми, без никакви национални предрасуди, меѓутоа тие се тука без регулиран статус, главно населени од Косово кои секојдневно палат се и сешто, се со цел да дојдат до железо кое го продаваат во отпадите за железо, кои што исто така работат без никаква контрола на институциите“, вели Коцевски.

Додава дека иако многупати реагирале до Општината Гази Баба, оттаму целосно ги игнорираат. Прием единствено вели добиле од Град Скопје, од каде им ветиле дека ќе стават препреки, за да се оневозможи влезот кон депонијата. Но, исто така им кажале дека Градот нема пари за ремедијација на депонијата, па ги упатиле кон Министерството за животна средина.

За животот во „Маџари“ да биде уште понеподнослив, вели, трипати во неделата во овој реон работи и пазарот „Бувљак“, кој е нелегален и создава дополнителни купишта отпад и невидена смрдеа.

Тој порача дека протестите ќе продолжат, а во меѓувреме ќе бараат прием и во Владата. Загрижени се дека во периодот кој следува, кога денот е пократок, а времето поладно, „Вардариште“ ќе смрди како никогаш досега.

Ова е втор протест на граѓани кои живеат во близина на депонијата „Вардариште“. На протестот кој се одржа во средината на месец август, тие порачаа дека „Вардариште“ е затворена депонија не смее да се фрла отпад.

Според Физибилити студијата од 2014 година, нарачана од Град Скопје, утврдено е дека депонијата е  полна со тешки метали. Дополнително, како што се посочува таму, тоа е локација каде може да се создаваат токсички диоксини, но таму има и депониски гасови, па така, истражувачите апелираат да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.

Студија во 2014 покажа дека Вардариште има тешки метали и запаливи гасови, но депонијата уште чека санација

Ј.Ј./ М.К.