Вардариште е затворена депонија, престанете да фрлате отпад – протест против загадувањето и неподносливата смрдеа

Поголем број граѓани кои живеат во близина на Вардариште излегоа на протест  рампата кај железничката пруга во населба Маџари, поради како што велат, секојдневната неподнослива смрдеа која доаѓа од Вардариште.

Вардариште е затворена депонија, престанете да фрлате отпад, порачаа тие блокирајќи го сообраќајот во обид да алармираат за проблемот со кој секојдневно се соочуваат.

фото: Радио МОФ

Далибор Коцевски, еден од организаторите на протестот, посочи дека граѓаните се тука да го изразат револт кон институциите и нивната пасивност во однос на решавањето на состојбата во Вардариште. Коцевски посочи дека долги години се зборува за ревитализација на депонијата, но, проблемот место да се подобри од ден на ден се влошува и се генерираат повеќе депонии.

„Ѓубрето секојдневно се положува таму незаконски, на сите страни, дополнително девијантни лица го палат, палат разни гуми, ѓубришта и  секојден се создава неподнослива смрдеа и чад. Не можеме веќе тоа да го толерираме, тука живееме ние, живеат нашите семејства и затоа се решивме на овој потег“, изјави Коцевски.

фото: Радио МОФ

Ваквата борба, Коцевски е дециден дека ќе ја водат до крај, а како најзасегната месна заедница, вели дека тие се ставаат на располагање на институциите  за да им помогнат во насока на решавање на проблемите.

„Секако нашата цел е да оди напред и општината и државата, затоа има можност да се реши проблемот, да се следат примерите од поразвиените земји, каде што сите депонии се претворени во паркови и места за забава и рекреација, истото може да се случи и со депонијата Вардариште, ако се има волја од страна на властите“, потенцираше Коцевски.

На протестот присуствуваа и повеќе жители од населеното место „Кирил Петрушевски“, родители и деца на точаци кои со маски излегоа да го искажат својот револт од животот до старата депонија. Меѓу нив беше и Раде Денковски кој ги претстави барањата на оваа иницијатива.

„Дислоцирање на претоварната станица веднаш бидејќи секојдневно се носи отпад и никој тоа не го контролира. Затрупување на огромната дупка која е ископана за цевките за пречистителната станица и е оставена така, и целата неподнослива смрдеа на секаков отпад кој е стар повеќе од 30 години. Дислокација на дивата населба во Вардариште веднаш бидејќи генерира секојодневно нов отпад и постојано палење на истиот. Строга контрола на отпадите кои се во близина на Варадиште и тоа веднаш, бидејќи доколку не се откупува бакар, нема што да се пали“, истакна Денковски.

Меѓудругото, тој посочи дека бараат и дислоцирање на дивиот пазар „Бувљак“, поради како што рече, се генерира нов отпад кој е во непосредна близина. Исто така, бараат и затворање на сите влезови на Вардариште бидејќи, како што велат, секојдневно се носи нов отпад, без никој да биде санкциониран.

„Триесет дневна 24 часовна контрола на полицијата на ова место, бидејќи тука поминуваат возила кои одложуваат отпад на Вардариште кои се нерегистрирани, несоодветни безбедносно и претставуваат ризик за граѓаните на населеното место Кирил Петрушевски“, посочи Денковски.

За секојдневната состојба се запознаени повеќе тела, вели Денковски.

„Присуствувале повеќе институции тука, меѓу кои преставници на Град Скопје, Инспекторатот на Град Скопје, претставници од МЖСПП, запознаени се и од Комунална Хигиена, од Инспекторат на Гази Баба и градоначалникот. Нема никаква реакција затоа што и понатаму се исфрла отпад на ова место, затоа е доста, претходно споменатите чекори мора да се применат веднаш и неодложно, не треба никакво чекање од нови закони, Вардариште е затворена депонија, затворете ја веднаш“, рече Денковски.

Иако пристапот кон рампата беше блокиран, организаторите на протестот сепак им излегоа во пресрет на неколкумина возачи кои имаа итна потреба да се движат по блокираните улици.

Денеска напладне, неколку часа пред најавениот протест, на прес конференција излезе и скопскиот градоначалник Петре Шилегот кој порача дека градот нема пари за целосна санација на Вардариште, па побара вклучување на Министерството за животна средина.

„Според таа студија (за санација на некогашната депонија Вардариште) која ја имаме направено да се изврши една примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра средства кои Град Скопје за жал ги нема на располагање“, рече денес градоначалникот Петре Шилегов на брифингот на новинари.

Според градоначалникот, проблемите настануваат од долгогодишното несоодветно место и несоодветен начин на депонирање повеќе децении на комуналниот отпад.

Историјата со локацијата на Вардариште започнува во далечната 1963 година, по катастрофалниот земјотрес во Скопје, кога имала намена како позајмиште на песок и чакал. Ваквата намена на локацијата завршува со привршување на градежните работи за обнова на Скопје во 1967 година. По овој период на локацијата започнува да се депонира секаков вид отпад, а интензивно се користи како депонија меѓу 1976-1996 година, при што се депонирале индустриски неопасен отпад, градежен шут, комунален отпад и друг вид инертен отпад. Децениското депонирање на отпадот било вршено на не повеќе од 20 хектари површина на локацијата. Вардариште дваесетина години имаше улога на главна депонија за одлагање на отпадот од главниот град, иако не беше изградена според стандардите.

Познато е дека на локацијата постојано се оформуваат и диви населби. Жителите на општините Аеродром и Гази Баба и репризно секоја година ги чувствуваат последиците од неконтролираните пожари од Вардариште.

Ј.Ј/ М.К.