Студија во 2014 покажа дека Вардариште има тешки метали и запаливи гасови, но депонијата уште чека санација

За црната точка на Скопје, некогашната депонија Вардариште, уште во 2014 година по нарачка на Град Скопје е направена Физибилити студија каде е утврдено дека таа е „богата“ со тешки метали. Исто така, е локација каде може да се создаваат токсичните диоксини, но има и депониски гасови, па истражувачите апелираа да се внимава на можно формирање експлозивна смеса и запалување на депонијата.

Шест години подоцна, Вардариште уште чека на најавената санација, ремедијација и нејзино доведување во корисна површина. Граѓаните од Гази Баба, Аеродром и воопшто цело Скопје постојано го чувствуваат чадот од неконтролирано палење пожари на Вардариште, па за денес е најавен нов протест. Граѓаните алармираат дека се шири загадување, се трупа насекаде отпад и се создаваат диви населби. Односно, локацијата долго време е еколошка бомба, што е нотирано уште во 2014.

„На депониите со највисок ризик треба да и се изврши ремедијација или да бидат затворени, веднаш поради директното загадување на површинските води. Потребно е стабилизирање на косините, стабилизација и препокривање на депонијата, земајќи ги во предвид близината на населените места и индустриите“, се вели во „Физибилити студија за санација на поранешна градска депонија“, изготвена од Градежен институт, во соработка со ангажирани инженери, геолози, шумари, архитекти, биохемичари…

Според изготвувачите на Студијата, депонијата, што веќе две децении е официјално затворена, а сепак е отворена за влез на отпад, спаѓа во Класа III.

Истражувачите утврдиле дека ова подрачје е во ранг на потенцијални наоѓалишта на подземни води, со добри квантитативни карактеристики (од еден бунар и преку 30 литри/секунда), но од друга страна со многу нарушен квалитет, заради присуството на Вардариште на овој терен. На депонијата своевремено имало систем на бунари, пумпи, пиезометри и дупнатини кои биле во функција до 1998 година.

„Во исцедокот, односно подземните отпадни води кои се анализирани се присутни и тешки метали, главно никел и хром преку дозволените количини прифатени за животната средина. Нивна појава може да се очекува и во иднина, бидејќи асорпционите својства на материјалот се такви, што не може да ги задржи врзаните метални јони. Досега, во водите не се присутни феноли, но во зависност од природата на отпадот, или присуство на органски материи, може да се очекува и нивното присуство како резултат на деградацијата на лигниски материјали од депонијата“, се вели во Студијата.

Анализите на подземна вода и добиените резултати од соодветни концентрации на загадувачи и вредности на други параметри укажуваат на високо загадена и контаминирана средина.

Испитувањето на депониските гасови се вршени од акредитирана лабораторија од српскиот Институт МОЛ од Стара Пазова. Иако анализата вели дека не се работи за опасен отпад, сепак, потенцирано е дека „високата содржина на органски материјали и масла укажуваат на долгорочна продукција на одредени соединенија во гасна фаза, пред се’ метан и водороден сулфид, што може да доведе до палење, експлозија и понатамошни емисии на токсични гасови“.

Во однос на цврстиот комунален отпад, тој се состои главно од вода, разни елементи (јаглерод, водород, кислород, хлор и азот), и огноотпорен материјал (стакло, керамика, метали, минерали, глина и нечистотија).

„Покрај тоа, присутни се различни метали во трагови и органски соединенија. Посебно е важно присуството на хлор, бидејќи може да биде вклучен во формирање на диоксини и други хлорирани соединенија. Главни извори на хлор во цврстиот комунален отпад се хартија и пластика“, стои во студијата.

За диоксините, професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија при ПМФ веќе нагласи дека се најтоксични органски супстанци. Се таложат во масните ткива кога ќе влезат во човечкото тело. Може да се пренесат од мајка на доенче. Дури и во минорни концентрации во водите може да предизвикаат нарушување на синџирот на исхрана.

„Јас го правев инвентарот за УНЕП (Програма на ОН за животна средина). Ние сме водечки поради горењето на депониите. Факторот на емисија на овие супстанции е ужасно голем. Ние емитираме на 2 милиони народ околу 100 грама диоксини и фурани, што по број на жители е најмногу во Европа“, предупреди реномираниот професор Стафилов, алармирајќи дека депониите се места каде често се создаваат диоксини, а Македонија нема државен систем за нивен мониторинг.

За Вардариште, резултатите од 2014 покажуваат дека покрај комунален отпад е складиран и индустриски отпад. Тоа потврдува и релативно високата концентрација на хром кој потекнува од индустријата за преработка на кожа, или од индустрија за површинска заштита на метали.

„Присуство на индустриски отпад укажува и присуството останати метали – цинк, никел, манган, железо. Појавата на олово е последица на депонирање на индустриски отпад од акумулатори и останат отпад кој содржи олово“, утврдиле истражувачите.

Од друга страна, со примероците од процедена подземна вода, отпад од телото на депонијата и присутните гасови заклучуваат дека депонијата е во метанска стабилна фаза, односно четврта фаза.

Истражувачите дале и предлози како да се изврши процесот на санација, со припремни земјени работи со кои теренот ќе се доведе до состојба на затварање на депонијата. Предлози има и за можна употреба на ремедијациони техники, како еден вид на санирање на депонијата во иднина.

„Проблемот со гасовите се разрешува со евакуација на истите преку инсталирани перфорирани челични или бетонски цевки кои се поставуваат вертикално и/или хоризонтално, почнувајќи од подлогата на депонијата, и тоа во систем на мрежа по целата површина на растојаниот од 20 до 30 метри на една од друга. Образуваните гасови наменски се користат за добивање електрична и топлотна енергија преку вградување на соодветни системи“, стои во Студијата.

Депонијата „Вардариште“ се наоѓа на левиот брег на реката Вардар, непосредно јужно од индустрискиот комплекс на „Металски Завод Тито“, на околу 7 километри низводно од центарот на градот.

Средишниот дел кој според ГУП е предвиден за спорт и рекреација изнесува 25 хектари и на него се разгледувани 3 можни варијанти за предлог за идејно решение. Како „најприфатлива и најразработена“ е варијантата со која би се задржиле далекуводите на својата местоположба, со заштитен појас од 12 метри лево и десно.

За северната страна од далекуводите предложиле изградба на Мини голф игралиште, одвоено од остатокот на локацијата со зелена зона со високо зеленило. На северозападната – терени за Пеинтбол, за централниот и североисточниот дел – расад на рози, додека за јужната страна – изградба на парк на 6 хектари. Паркот би се состоел од комбинација на високо и ниско зеленило и големи тревни површини кои жителите ќе може да ги користат за различни видови на спорт и рекреација.

„Според наведените позиции кои претставуваат составен дел од Проектот-Санирање на старата градска депонија (санација, ремедијација и нејзино доведување во корисна површина за спортско-рекреативни цели), изготвен е гантограм од динамиката на работите, во кој се гледа дека времето за реализација на еден ваков комплексен проект изнесува 26 месеци“, се вели во Студијата од 2014 година.

Градоначалникот Петре Шилегов во свое неодамнешно обраќање пред новинарите рече дека Градот Скопје нема пари за целосна санација на Вардариште. Имале разговори со дел од претставниците на ЕУ, но, рече тој, ќе треба да се вклучи и Министерството за животна средина, со цел понатаму да нема потенцијална опасност за животната средина во Скопје.

„Примарна заштита на тој простор со технологиите кои се познати, потребно е за примарната некаде околу 25 милиони евра, а за целосна санација некаде околу 40 милиони евра, средства кои Град Скопје за жал ги нема на располагање“, нагласи Шилегов.

Бојан Шашевски