[Галерија] Младите и културата на „Битола отворен град 2025“

Од 25 до 28 јуни, фестивалот „Битола отворен град“ го заврши своето 24. издание со изложби, концерти, работилници и винили. Започна со отворањето на изложбата „When Do I Stop?“ од Харис Муриќ – визуелна хроника од 52 постери, создадени во текот на 52 недели.

„Муриќ ни подари нешто ретко денес: визуелна, лична приказна за својот внатрешен свет“, велат од Младинскиот културен центар (МКЦ) Битола.

Во Порта Џез, млади учествуваа на DJ работилницата од артистот Herzel, кој настапувал на сцени од Берлин до Барселона. „Gnezdo FM Jam Orchestra“ од Србија, пак, свиреше на пешачкиот премин на Широк Сокак.

„Нè потсети зошто јавниот простор е најубавата сцена“, посочуваат организаторите.

Поетска работилница со Марија Бошковска, DJ сетовите на Goce, Chvare и Double G и винил берза во кафе-бар „Јагода“ беа, исто така, дел од случувањата на „Битола отворен град 2025“.

Концертот на новите бендови во Скејт паркот беше клучниот момент што фестивалот традиционално го чува за крај.

„Настапите на ‘Prekured’, ‘Tsar Von Time’ и ‘Mamut’ ја дефинираа младата сцена што не сака да личи на никого – и токму затоа вреди. Битола Отворен Град 2025 не броеше публика – броеше моменти. И оваа година, фестивалот не беше спектакл. Беше сигнал. Дека уметноста не мора да биде голема за да биде важна. Дека културниот континуитет не се случува сам од себе – туку се гради со истрајност“, заклучуваат од МКЦ Битола.

Фестивалот е организиран од МКЦ Битола, со поддршка од Општина Битола и бизнис-секторот на градот. Сите настани беа бесплатни и отворени за јавноста – „затоа што културата, пред сè, треба да биде достапна“.

„До следната година – Битола останува отворен град“, додаваат од МКЦ.