Француските училишта може да ги заменат „татко“ и „мајка“ со „родител 1“ и „родител 2“

Старателите на децата може повеќе да не бидат именувани како „мајка“ и „татко“ на официјалните училишни документи, туку да се заменат со термините „родител 1“ и „родител 2“.

Овие измени се дел од новите предложени измени на закон за образование со кои предлагачите сакаат да стават крај на дискриминацијата врз истополовите родители.

Предлог-законот беше изгласан од пратениците во вторникот, но сè уште може да биде одбиен од францускиот Сенат, во кои мнозинството се десничари, но тогаш повторно ќе биде вратен во Националното собрание за конечна расправа.

„Измените имаат цел законски да ги отсликаат различностите во семејствата на децата во административните формулари кои се поднесуваат во училиштата“, рече Валери Пети, пратеничка од партијата „Ен Марш“ на претседателот Емануел Макрон, која го изработи законскиот предлог.

Пети ги оправдувала измените со тоа што тие ги земаат во предвид француските закони за истополови бракови и можноста тие да имаат деца.

Сепак, критичарите сметаат дека измените се „дехуманизирачки“.

„Ниедно дете нема родител 1 и родител 2. Такво нешто не постои и е во сферата на апсурд“, рекол Лудовин Де Ла Рошер од организација која се противи на истополовите бракови.

На социјалните мрежи својот став го изразуваа и корисниците кои го поддржуваат овој предлог и оние кои се против. Твитер корисникот Гари Рустан посочува дека на даночните пријави веќе постојат форми како „подносител 1“ и „подносител 2“.

Пратеникот од француската десничарска партија Национално движење напиша: „Еден татко, една мајка! Доста со овој псевдо-„прогресивен“ делириум! #Родител1Родител2“.

Дел од Твитер корисниците се пошегуваа со ситуацијата, објаснувајќи дека во француската верзија на Војна на ѕвездите, Дарт Вејдер во иднина, познатата реплика „Лук, јас сум твојот татко“, ќе треба да гласи „Лук, јас сум твој родител 1“.