Француската влада може да ги блокира социјалните мрежи при немири, вели Макрон

Францускиот претседател Емануел Макрон вели дека француската влада треба да размисли за контролирање или блокирање на социјалните мрежи „кога работите ќе излезат од контрола“ во земјата.

Ваквите негови коментари доаѓаат откако министрите ги обвинија младите луѓе за користење на платформите како Снепчет и ТикТок за организирање и охрабрување на немири и насилство на протестите кои избија откако тинејџер беше убиен од полицијата откако бил запрен во сообраќајот во предградие на Париз.

„Мораме да размислиме за тоа како младите луѓе ги користат социјалните мрежи… кога нештата ќе излезат надвор од контрола ние ќе мора да ги регулираме или да ги исклучиме. Пред се` не треба да го правиме ова во жарот на моментот и среќен сум што немавме потреба да го направиме тоа“, изјави Макрон на состанокот со повеќе од 200 градоначалници во чии општини имаше немири и насилство.

„Мислам дека тоа е реална дебата која треба да ја имаме кога работите ќе се смират“, изјавил Макрон пред градоначалниците во видео кое го добила Телевизијата БФМ

Критичарите велат дека еден ваков потег би ја ставило Франција покрај авторитарните држави како Кина, Русија, Иран или Северна Кореја.

„Држава каде се почитуваат правата на луѓето и граѓаните не смее да се стави на исто ниво со оние сјајни демократии во Кина, Русија и Иран“, напиша иронично на Твитер Оливер Фауре, лидерот на Социјалистичката партија.

„Да се блокираат социјалните мрежи? Како Кина, Иран, Северна Кореја? Дури и ако ова е провокација за одвлекување на вниманието, сосема е невкусно“, напиша Оливер Марлеи, од партијата „Републиканци“.

Макрон минатата недела ги повика компаниите кои стојат зад најголемите социјални мрежи да покажат „чувство на одговорност“ и да ги отстранат чувствителните објави, особено оние кои прикажуваат или охрабруваат насилни грабежи.

Француски министри во петокот се сретнаа со претставници на ТикТок и Снепчет. Следниот ден, министерот за правда, Ерик Дупон-Морети, предложи законски чекори кои ќе се преземат за идентификување на оние кои ги користат социјалните мрежи за организирање нелегални дејства и дека тие ќе бидат изнесени пред суд.

Француската влада се бори против немирите откако полицаец го уби 17-годишниот Нахел М. за време на сообраќајна проверка на 27 јуни, што повторно го стави фокусот на долготрајниот системски расизам за кој се обвинуваат француските безбедносни служби.