Трета ноќ протести и немири во Франција, уапсени најмалку 667 луѓе

Во Париз трета ноќ по ред продолжија жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите. Уапсени се најмалку 667 лица, изјави министерот за внатрешни работи Џералд Дарманин, пренесува Радио Слободна Европа.

За време на пртоестот беа ограбени продавници и запалени автомобили и покрај силното полициско присуство. Франција распореди 40.000 полицајци низ целата земја, но тоа не го спречи избувнувањето на насилството.

Немирите започнаа во вторникот, откако полицаец го уби 17-годишното момче од алжирско-мароканско потекло, Нахел М., кое со автомобил се обидело да избега откако го застанала полиција. Полицаецот кој пукал во Нател му се извини на семејството. Тој е обвинет за убиство, а неговиот адвокат тврди дека е „уништен“.

Од Лил на север до Марсеј на југ, синоќа повторно беа нападнати јавни згради, продавници и автомобили. Во Рубијакс, гости во хотел биле принудени да излезат на улица откако се запалила зградата.

Немирите се чинеше дека повторно беа особено интензивни во регионот на Париз, при што групи демонстранти се судрија со полицијата во Нантер и други предградија. Агенцијата Франс прес пренесува дека некои демонстранти користеле импровозирани гранати.

Третата ноќ на протестите следеше откако илјадници луѓе се собраа на марш во спомен на Нахел низ центарот на Нантер.