[Видео] Десетици илјади луѓе протестираа во Париз поради растот на цените за живот

Илјадници демонстранти, меѓу кои и овогодинешната добитничка на Нобеловата награда за литература излегоа вчера на улиците на Париз за да го изразат својот гнев поради растот на цените и да извршат притисок врз француската влада.

Маршот против скапиот живот и неделувањето за проблемите предизвикани од климатските промени го поддржаа и синдикатите, а според организаторите на протестот имало околу 140.000 учесници, додека париската полиција процени дека имало околу 30.000 демонстранти.

Маршот е најава за непријатната недела за центристичката влада на Макрон, во која се најавени штрајкови во железницата закажани за вторник и изгледа дека ќе се надоврзат на штрајковите за зголемување на платите кои веќе ја нарушија работата на рафинериите и магацините, предизвикувајќи хроничен недостиг на гориво и долги колони на бензинските пумпи.

Маршот беше прогласен за голем успех од лидерот на левичарската партија „Непокорена Франција“ Жан-Лук Меланшон. На маршот учествуваа претставници на сите левичарски партии, како и овогодишната добитничка на Нобеловата награда за литература Ени Ерно.

„Пораката е едноставна, сакаме подобра распределба на богатството“, рече лидерот на социјалистите Оливие Форе.

Меѓу демонстрантите имаше и бројни претставници на протестното граѓанско движење „Жолти елеци“ и голем број пензионери.

Организаторите рекоа дека протестот бил против високите трошоци за живот и неделувањето за проблемите предизвикани од климатските промени. Тие побараа поголеми инвестиции против климатската криза, но побараа и итни мерки против високите цени, вклучително и замрзнување на трошоците за енергија, цените на основните производи и кириите и повисоки даноци за оние кои имаат големи профити.