Францускиот предлог на собраниска седница во четврток – протестите продолжуваат

Францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија се најде на 81-та седница на Собранието која ќе се одржи во четврток.

Претходно пак, на 80-тата седница, во 13 часот во Собранието ќе се обрати претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен.

Во меѓувреме, денеска во Скопје, деветти ден по ред под мотото „Ултиматум, не благодарам“ и „Со фашисти не се преговара“ продолжија протестите против францускиот предлог.

фото: Радио МОФ

фото: Радио МОФ

Тргнувајќи од пред Владата, демонстрантите овојпат повторно маршираа по старата рута, кон Министерството за надворешни работи, па се до Собранието. Рутата на маршот претходно беше променета откако пред неколку дена се случи инцидентот кај плоштадот Скендербег. Во близина на плоштадот, но и во околината имаше зголемено полициско присуство.

Пред Министерството за надворешни работи, демонстрантите испишаа графит „Македонија не е на продажба“.

Графит пред МНР / фото: Радио МОФ

Од пред Собранието пак, се обратија неколку говорници, а позади нив имаше транспарент со натпис „Предавници на народот“ на кој беа прикажани пратеници од актуелниот состав.

Транспарент позади бината на протестот во Скопје / фото: Радио МОФ

Протестите започнаа на 2 јули, два дена откако македонските властите го добија предлогот од Француското претседателство со ЕУ. Некои од протестите подоцна ескалираа, а во изминатите неколку дена атмосферата е мирна. Незадоволните граѓани и опозициските партии тврдат дека со предлогот се загрозува македонскиот јазик и идентитет.

Мартин Колоски