Франција забрани пластична амбалажа за овошјето и зеленчукот

Од вчера во Франција стапи на сила новиот закон со кој се забранува пластична амбалажа за најголемиот број овошја и зеленчуци.

Краставиците, лимоните, морковите и портокалите се меѓу 30-те производи кои имаат забрана да бидат пакувани во пластика.

Законот нема да важи при продажба на поголеми количини од овие зеленчуци, или пак за сецканото и преработеното овошје.

Претседателот Емануел Макрон забраната ја нарече „револуција“, додавајќи дека тоа ја демонстрира заложбата на земјата постепено да ја исфрли од употреба пластиката за еднократна употреба до 2040 година.

Повеќе од третина од овошјата и зеленчуците во Франција се продаваат во пластична амбалажа и владините претставници сметаат дека забраната може да превенира употреба на милијарди парчиња пластика за еднократна употреба годишно.

Забраната доаѓа како дел од повеќегодишната програма со која употребата на пластични производи во Франција треба да се намали од голем број на индустрии.

Минатата година во земјата беа забранети пластични сламки, чаши и прибор за јадење, како и пластични амбалажи за носење храна. Истовремено, списанијата веќе започнаа да се доставуваат без пластично пакување, додека рестораните за брза храна повеќе не можат да нудат бесплатни пластични играчки.

Подоцна оваа година јавните места ќе бидат принудени да обезбедуваат фонтани за вода со цел да се намали употребата на пластични шишиња.