„Кока кола“ петта година по ред е најголемиот загадувач со пластичен отпад во светот

Компанијата „Кока кола“ петта година по ред се најде на врвот на листата на загадувачи со пластичен отпад во светот, открива годишната ревизија на иницијативата „Ослободи се од пластиката“.

Ова е особено засрамувачки поради тоа што компанијата е еден од спонзорите за храна и пијалаци на Конференцијата за клима на Обединетите нации КОП27 што изминатите две недели се одржуваше во Египет, пишува „Еуроњуз“. 

„Наместо да им дозволуваат на компаниите како ‘Кока кола’ да го чистат својот имиџ, владите треба да ги принудат загадувачите да инвестираат во процесот на реупортеба системи за испорака на алтернативни производи кои го избегнуваат проблемот“, посочил Вон Хернандез, глобалниот координатор на „Ослободи се од пластика“.

Во извештајот како и претходните години, и сега може да се забележат компаниите „Монделез Интернешанал“, „Нестле“, „ПепсиКо“, „Јуниливер“ како топ пет загадувачи со пластичен отпад. Во ревизијата се вклучени ставови од 200.000 граѓани-научници од 87 држави кои го анализирале отпадот што го пронашле на плажите и на други места.

Освен што отпадот на „Кока кола“ долго време е најголемиот загадувач во светот, од година в година, според извештајот компанијата го зголемува количеството.

Иницијативата „Ослободи се од пластиката“ ги користи овие податоци за да се приклучи кон повиците за Глобален договор за пластика со правно обврзувачки механизми и политики за спроведување, тврдејќи дека ревизијата укажува на тоа дека на компаниите не може да им се верува дека поставуваат свои цели за намалување на отпадот.

Во март годинава во Агенцијата за животната средина при Обединетите нации (ОН) започнаа преговорите за креирање рамка за решавање на проблемот со пластичниот отпад. И покрај тоа, ваквите разговори сè уште не се реализирани.

Во 2018 година ОН започна глобална обврска за нова економија на пластика со доброволно пријавување од компании за потрошувачи вклучувајќи ги и најголемите загадувачи со пластика. Сепак, во извештајот за напредок од 2022 година се вели дека иако овие цели се поставени да се исполнат до 2025 година, тоа сигурно нема да се случи.

„Најголемите светски загадувачи со пластика ја натрупаа планетата со пластичен отпад и со тоа јасно го забележаа своето име во светски рамки. Потрошувачите, акционерите и невладините организации се повикуваат на судски спорови за да ги избркаат ваквите компании и тужбите со кои се бара одговорност се само прашање на време“, изјавила Роза Причард, адвокатка за пластика во организацијата „Клиент Земја“.