Франција ќе инвестира две милијарди евра во велосипедската инфраструктура

Француската влада соопшти дека планира да инвестира 2 милијарди евра до 2027 година за да ја подобри велосипедската инфраструктура и да им помогне на луѓето да купат велосипеди, во обид да ја намали употребата на автомобили и да го поттикне возењето велосипед, а ќе троши 250 милиони евра годишно од 2023 година до 2027 година, пренесува Ал Џазира Балканс.

Остатокот од планираните средства ќе бидат насочени кон други мерки за поттикнување на употребата на велосипеди.

Францускиот министер за транспорт Клемент Бон твитна дека напорите на владата да го поттикне возењето велосипед се „невидени и огромни“.

Владата сака да ги направи велосипедите атрактивна алтернатива на автомобилите и превозно средство достапно за секого, од најрана возраст и низ целиот живот, изјави Бон.

Целта е да се зголеми мрежата на велосипедски патеки во земјата од сегашните 50.000 километри на 80.000 во 2027 година и 100.000 во 2030 година.

Приоритет ќе им се даде на провинциските градови и руралните области, бидејќи големите градови веќе добија значителни државни средства за велосипедска инфраструктура, рече Бон.

Околу 500 милиони евра ќе бидат наменети за субвенции за набавка на велосипеди, вклучително и половни.