Франција ќе го субвенционира одењето на кројач со цел да се намали отпадот од брзата мода

Франција со субвенции ќе ги убедува своите граѓани да ги поправаат облеките на кројач, а чевлите на чевлар, со цел да ги оттргнат од купувањето на нови парчиња со кои се загадува околината, јавува „БиБиСи“.

Од октомври, французите ќе добијат субвенции во форма на попуст, со кои ќе можат поефтино да ја поправат износената или малку оштетената облека и обувки.

Беранжере Кујард, од министерството за екологија, се пожалила дека секоја година во Франција во отпад завршуваат 700.000 тони облека.

За оваа мерка, француските власти во период од пет години, француските власти ќе издвојат 154 милиони евра.

Кујард ги повикала во системот да се приклучат сите кројачи и чевлари, со цел да се поддржи овој вид на занаетчиство, но и за да се создадат нови работни места во секторот.

Според Кујард, со оваа мерка владата се обидува да се бори против „брзата мода“, со тоа што ќе ги охрабри потрошувачите да купуваат одржливи и лесно поправливи парчиња, наместо постојано да купуваат нови, лесно достапни модели.

Следниот план на Франција во насока на поодржлива мода, вклучува домашната модна индустрија да ги почитува новите правила за етикетирање, според кои на секое парче облека ќе биде посочено деталното влијание врз животната средина за неговата изработка. Новите етикети се најавени за од 1 јануари, 2о24 година.

Според новите правила, производителите на алишта на секое парче ќе треба да го напишат количеството на вода за изработка на моделот, како и листата на употребени хемикалии, ризикот од микропластика, како и тоа дали при изработката се користени рециклирани материјали.