Франција и Шпанија ќе ја забранат продажбата на автомобили на дизел и бензин по 2035 година

Франција и Шпанија се приклучија на иницијативата за забрана на продажба на автомобили на бензин и дизел по 2035 година, пет години порано од претходно планираното, како дел од напорите да се забрза транзицијата кон економија со ниска потрошувачка на јаглерод, пренесува Данас. Двете земји се обврзаа на ова на климатскиот самит КОП27 во Египет.

Па така, Франција и Шпанија се најдоа во групата нови потписници на Декларацијата за возила со нулта емисија (ЗЕВД), лансирана на минатогодишната конференција во Глазгов.

Потписниците кои вклучуваат држави, локални заедници и бизниси се обврзаа да продаваат 100% возила со нулта емисија на водечките пазари до 2035 година и во светот до 2040 година.

Вкупниот број на потписници на таа декларација сега е 214, наспроти 130 една година порано.

Во иднина, ЗЕВД ќе биде надгледуван од нова групација, Коалицијата Забрзување до нула, чија цел е да им помогне на потписниците да ги спроведат своите обврски.

Креаторите на политики сакаат да ги намалат или елиминираат емисиите на стакленички гасови од автомобилите, камионите и другите облици на транспорт.

Податоците објавени од Блумберг покажуваат дека оваа година ќе биде рекордна за продажбата на возила со нулта емисија, при што електричните возила ќе учествуваат со 13.2% од вкупната продажба во првата половина од годината.