По барање на францускиот претседател Емануел Макрон, Франција ќе ги проверува досиејата на дојденците за да одлучи кои од нив, може да ги протера доколку имаат екстремистичка историја. По барање на претседателот, локалните власти треба да се водат по документите од тајните служби и да проценат дека ниту една личност со екстремистичко минато не е одмината.
Властите имаат рок од 48 часа да ги прегледаат сите случаи на лица за кои се смета дека се радикализирани. Со новата одлука, Макрон сака да испрати порака дека Франција не е место за оние кои поддржуваат омраза и терористички идеологии.
Францускиот министер за внатрешни работи Гералд Дарманин им даде инструкции на властите да се фокусираат на млади лица од Кавказот. Властите велат дека целта не е да се стигматизира ниту една заедница, но серијата на убиства на наставници доаѓаат од страна на исламистички фундаменталисти.
Дарманин посочи дека ќе ги продолжи разговорите со Русија за организирање на овие протерувања, кои беа прекинати поради војната во Украина.
„Има околу шеесетина досиеја со руски државјани. Меѓу нив има и луѓе од Чеченија. Упатството што го имавме досега беше систематски да ги протеруваме овие луѓе кои би можеле да бидатпасни“, посочил тој.
Полицијата соопшти дека убиецот на наставникот Доминик Бернард, минатиот петок во средно училиште во градот Арас, е Мохамед Могучков. Тој е 20-годишен руски државјанин роден во Република Ингушетија, кој со своето семејство дошол во Франција како дете во 2008 година.
Во 2014 година тој бил предмет на постапка за депортација која никогаш не била спроведена. Таткото на Мохамед, четири години подоцна бил депортиран поради поврзаност со исламистичкиот екстремизам, додека најстариот син е затворен во Франција поради вмешаност во подготовка на терористички напад.