[Фото + видео] Новогодишна акција за децата од ранливите категории

Активисти на Центарот за современи умености направија предновогодишна креативна акција, со цел на граѓаните на Скопје да им го доловат новогодишниот дух и новогодишната магија, како и да ги изненадат и израдуваат ранливите категории деца со новогодишни пакетчиња и слични подароци.

„Инспирација за оваа акција е годинешново, но и со години наназад никаквото, кич, некреативно и летаргично ‘ради реда колку да помине’ некреативно украсување на градот и јавните простори по општините и маалата. Токму затоа решивме да ја украсиме ‘Ладата’ и возејќи ја да го украсиме градот, да ги изненадиме и да им изнудиме насмевки од скопјани во овие предпразнични пандемиски денови. Кога веќе возиме решивме и да ги помогнеме и израдуваме децата на улица и за таа цел на овие деца им поделиме подароци и новогодишни пакетчиња и тие барем малку да можат да ја почуствуваат новогодишната магија“, соопштуваат од Центарот.

На сите други деца кои не припаѓаат на ранливите категории, кои под своите елки веќе имаат мноштво подароци и пакетчиња, активистите решија да им подарат по еден скромен примерок на приказната „Девојчето со ќибритчињата“ од Ханс Кристијан Андерсен.

Целтат, велат тие, е преку оваа тажна приказна да ја поттикнат нивната хуманост и солидарност и она што го имаат доколку се во можност да го споделат со своите врсниции и другарчиња кои немаат доволно.

„Акцијата која започна вчера ќе трае и денес и утре, а скопјани по своите улици и сокаци ќе можат да се израдуваат на украсената новогодишна Лада. Акцијата е организирана од Центарот за Современи Уметности и е финансиски поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија“, се вели во соопштението.