Додека Украина тагува за жртвите од војната, голем број празни детски колички беа поставени вчера на централниот плоштад во градот Лвив во знак на сеќавање на децата убиени во земјата по инвазијата на Русија, јавува „Ројтерс“.
Количките ги постави градското собрание на Лвив во уредни редови, односно по една за секое убиено дете од почетокот на војната, според украинските власти.
Во градот кој се наоѓа во западна Украина пристигнаа стотици илјади Украинци кои бараат засолниште подалеку од првата линија на војната.
„Се сеќавате на вашите деца кога беа мали и седеа во слични колички… Некои деца нема да бидат ставени во овие колички затоа што се мртви. Споредете со вашите деца, запомнете ги вашите чувства кон вашите сопствени деца… Не сакам да видам празна количка“, рече Журавка Наталија Тнковит, канадска државјанка со украинско потекло која помина низ централниот плоштад, зборувајќи како да им се обраќа на руските мајки.
Во меѓувреме, Русија наведува дека нејзината акција во Украина е специјална воена операција и дека не е насочена кон цивилите.