[Фото] Отворено 8. издание на фестивалот „Киненова“

Со проекцијата на „Зад стоговите сено“ вчера беше отворено 8. издание на меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.

„Ова е фестивал кој сака да ризикува и да открива нови филмски автори. Уште повеќе ми е драго што ќе го отвориме заедно со мојата колешка Асемина Проедру од Грција со која се запознавме пред десет години на фестивал во Драма, Грција, каде беа прикажани нашите кратки филмови, а сега десет години подоцна се среќаваме во Скопје на фестивал со нашите први долгометражни филмови“, рече Венинова.

Следуваше проекцијата на краткиот филм на Ѓорче Ставревски „Дали си маж?“, а на српскиот актер Бранислав Лечиќ му беше врачена наградата за особен придонес во филмската уметност.

„Македонија ја сакам и ги ценам вашите уметници бидејќи имате квалитетни филмски уметници и актери. Секогаш сум бил инспириран кога сум се среќавал во вашите уметници и во театар и на филм. Наградите обично се добиваат на крајот од кариерата, тоа се награди кои некако сублимираат и прават некаков круг, собираат некаква работа, но јас оваа награда нема така да ја доживеам. Се чувствувам дека сум во полна сила, што можеби е парадокс, но тоа е навистина мое чувство и оваа награда ќе биде моја инспирација да дадам уште поголем придонес во филмската уметност“, изјави Лечиќ.

Присутните ги поздрави и Малгоржата Скулска, директорка на полскиот патувачки филмски фестивал „Вистула“, кој од минатата година соработува со Киненова и ја презентира полската кинематографија.

Фестивалот годинава се одржува под слоганот „Прв филм, осмо сетило“, а програмата ќе се одржува следните шест дена. За филмовите во главна конкуренција ќе одлучуваат членовите на меѓународното жири Лех Мајевски, режисер, сценарист и кинематографер од Полска, Дебора Ван Дам, сценаристка и режисерка од Холандија и Дејан Дуковски, драмски писател од Македонија.