[Фото] Одржано второто издание на „Стрип трип“ фестивал

Младинскиот културен центар во Скопје (МКЦ) викендов го посетија уметници, стрип цртачи и фанови на деветтата уметност кои ги поврза „Стрип трип“ фестивалот што оваа година се случи по вторпат.

Како што и претходно најавија организаторите, програмата годинава ја исполнија промоција на повеќе дела од домашни автори и графичкиот роман „Чамбара“ преведен на македонски јазик, а напишан од италијанските автори Андреа Акарди и Роберто Рекиони кои воедно беа специјални гости на фестивалот.

Во рамките на годинешното издание се одржа и подкаст во живо на „Дебели гикови“ кој се емитуваше и на јутјуб каналот на Радио МОФ.

Беа доделени и наградите „Македонско стрип наследство“ на Миле Топуз и „Македонска стрип иднина“ за конкурсот за најдобра стрип корица на тема „Самураи во твојот град“ на кој се пријавиле повеќе од 60 млади автори од повеќе од 10 градови од Македонија.

Своја изложба на фестивалот имаа македонските стрип автори Антонио Арангеловиќ, Гаја Смилевска, Горан Дачев, Владимир Благојевиќ, Дамјан Михаилов, Дарко Богданов, Никола Темков и Парагонс.

Новитет годинава беше театар-стрип комбинација, каде глумци ќе доловуваа сцени од Дилан Дог и Самураите.

За време на фестивалот се одржа и работилница за млади стрип таленти со Здравко Гиров и Белкис Аксу, а имаше и групна цртачка сесија со македонски стрип автори.

Организатори на фестивалот се Здружението за промовирање на стрип културата „Макстрипови“, издавачката куќа „Бункер“, МКЦ и „Стрип квадрат“.

Фото: Иван Бошков, Фросина Пандурска Драмиќанин и Мартин Стојковски