[Фото] Нов парк за миленици во Ново Лисиче

Скопје добива уште еден нов парк за миленици. Тој е лоциран во Ново Лисиче, Општина Аеродром, во паркот долж булеварот АСНОМ, до седиштето на Фудбалската федерација на Македонија.

Според градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, во главниот град има голем број на домашни миленичиња и работат на овозможување на подобри услови за нив и нивните сопственици.

„Овој парк ќе биде завршен во наредниве неколку дена, каде треба да се постават дополнителни елементи, во вид на реквизити и содржини за кучињата и урбана опрема. Овој парк е со површина од 920 метри квадратни и истиот во целата површина е ограден со заштитна жичана ограда (мрежа)“, кажа градоначалникот Трајановски, најавувајќи дека  и во иднина ќе продолжат со изградба на вакви паркови во сите општини во Скопје.

Градежните работи на новиот парк ги извршија екипите на ЈП „Улици и патишта“, додека истиот е уреден од ЈП „Паркови и зеленило“.

„Ова е трет ваков парк кој го гради Градот Скопје во зелените површини коишто се во негова надлежност. За потсетување, првиот ваков парк беше изграден во рамките на вториот дел на Градскиот парк во 2011 година, на површина од околу 1.200 квадратни метри. Вториот ваков парк беше изграден во рамките на првиот дел на паркот ‘Македонија’, во 2012 година, на површина од околу 1.000 метри квадратни“, велат од Градот.

Инаку, претходно на крајот од април, Општина Центар отвори уште еден парк за миленици кој се наоѓа спроти објектот на НИП „Нова Македонија“, во Паркот на новинарите во Скопје.