[Фото] Најмладите жители од Стар Град Охрид порачуваат „Стоп за пластиката за еднократна употреба“

Вредните раце на најмладите жители на Стар Град Охрид, на плажата Сараиште, изработија и поделија 100 еко-пакети со еколошки прибор за јадење – пикник сет, за претстојните пролетни денови и празници кои граѓаните и туристите ги користат за излети околу крајбрежјето на Охридското Езеро.

Пораката на еко-пакетите гласи: „Стоп за пластиката за еднократна употреба”.

„Пластиката за еднократна употреба како пластични чаши, пластичен прибор за јадење, најлонски кеси, шишиња… се најголемиот загадувач на Охриското Езеро“, велат од нуркачкиот клубот „Акватек“.

Од таму посочуваат дека преминувањето на поеколошки алтернативи е еден од начините за спречување на бескрајната акумулација на пластика за еднократна употреба.

„До почиста и поздрава животна средина, со промена на навиките“, сооопштуваат од „Акватек“.

Инаку, ваквата иницијатива за подигнување на јавната свест околу штетноста на пластиката за еднократна употреба е дел од проектот „Зелена младина – Зелена иднина“ на Здружение Клуб за нуркање „Акватек“ Охрид.

Тој се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Проектот „Зелена младина – Зелена иднина“ е кофинансиран од Општина Охрид.

Фото: „Акватек“