Шри Ланка ќе ја забрани пластиката за еднократна употреба за да ги спаси слоновите

Властите на Шри Ланка најавија забрана за еднократната пластика, по серија на смртни случаи на слонови и елени од од труење со пластика, пренесува  „АФП“.

Портпаролот Бандула Гунавардана изјави дека производството или продавањето на пластичен прибор, чаши и вештачки цвеќиња ќе биде забрането од јуни, годинава.

Предлогот за ваквата забрана бил предложен од панел-комисија пред 18 месеци, која го истражувала влијанието на пластичниот отпад врз животната средина и дивиот свет.

Неразградливите пластични кеси биле забранети во 2017 година.

Увозот на пластичниот прибор, фолиите за храна и играчките биле забранети во 2019 година по бројни смртни случаи на елени и слонови во североистокот на островот, откако барале храна на депониите.
Аутопсиите покажале дека животните починале откако се нахраниле со пластика измешана со отпад од храна.

Но и покрај тоа, локалното производство и продажбата на пластични производи продолжила.

Проучувачот на азиски слонови од Шри Ланка, Џајанта Џејварден, ја поздрави одлуката, но за АФП дополнува дека забраната треба да се прошири и на биоразградливите пластични кеси.

„И ваквите кеси завршуваат во исхраната на слоновите и дивиот свет, па има последици и од нив“, нагласил тој.

Слоновите се сметаат за свети животни и се заштитени со закон во Шри Ланка. Годишно, угинуваат 400 единки како резултат на контакт со луѓето кои живеат во близина на резерватите. Во ваквите средби, годишно гинат 50 лица.

Околината во која што живее дивиот свет се намалува, па слоновите влегуваат во села за да бараат храна, а многу од нив угинуваат поради барање на храна во отпадите полни со пластика.

Голем број на диви елени угинале од труење со пластика пред пет години во североисточниот дел на островот, по што властите забраниле фрлање на отпад во близина на животинските резервати.