Канада забранува пластика за еднократна употреба

Канадските власти вчера ги објавија правилата на новата забрана за користење на пластични кеси, сламки, пакувања за храна и останата пластика за еднократна употреба, пренесува „Гардијан“.

„Само осум отсто од отпадната пластика се рециклира“, изјавил министерот за здравје Џин – Ивс Дуклос, додавајќи дека годишно, 43.000 тони од пластиката за еднократна употреба завршува како загадување во животната средина, односно водите.

Финалниот текст од законот за забрана на пластиката за еднократна употреба како пластични кеси, пластичен прибор за јадење, сламки и пакувања за храна бил претставен на плажа во Квебек, од страна на канадските министри за животна средина и здравство.

Забраната за производство и увоз на овие шест производи ќе започне во декември во 2022 година, а забраната за продажба една недела подоцна. До крајот на 2025 година, Канада исто така ќе забрани и извоз на пластиката за еднократна употреба, со што ќе стане првата држава во светот со оваа еколошка политика.

„Канадските државјани се согласуваат со нас. И на ним им е здосаден пластичниот отпад во парковите и улиците“, изјавиле министрите.

Новите канадски регулации содржат неколку исклучоци. На продавачите ќе им биде дозволено да продаваат пластични сламки доколку тие се вметнати во самиот производ, или пак производот е увезен од друга држава.

Исто така, продавачите ќе можат да продаваат и пакети со 20 или повеќе пластични сламки за една употреба, се додека пакувањата не се изложени пред потрошувачите.