Еволутивната „стапица“ ги води младите морски желки кон местата со пластика

Младите морски желки голтаат големи количини пластика, а загадувањето на океанот ги става во ризик живеалиштата кои некогаш беа идеални за нивниот развој, открија истражувачите. Влијанието на пластиката врз дивиот свет станува се поважна област на истражување, а студиите открија страшни случаи кога морските животни се повредуваат или умираат по внесување на пластика, или заплеткување во неа, анализира Гардијан.

Едно истражување проценува дека меѓу 5 и 13 милиони тони пластика влегле во светските океани само во 2010 година, додека неодамнешниот преглед на научната агенција на австралиската влада, ЦСИРО, покажа дека животни од 80 различни видови, вклучително и желки, ги убивало внесувањето пластика.

Сега истражувачите кои ги проучуваат младите морски желки, почнувајќи од младенчињата до оние со оклопи со големина помала од 50 см, велат дека присуството на пластика во светските океани доведува до тоа еволутивните адаптации, што некогаш им помогнале на суштествата да напредуваат, сега да ги ставаат во опасност.

Пишувајќи во списанието „Frontiers in Marine Science“, истражувачите во Велика Британија и Австралија известуваат дека тие го барале присуството на пластика во внатрешноста на 121 морски желки од пет видови. Tие биле од Индискиот Океан во близина на западниот брег на Австралија, и Тихиот Океан во близина на источниот брег на Австралија, при што или биле пронајдени заглавени во океанот, или фатени за истражувањето.

Резултатите откриваат дека во примероците од скоро сите видови биле пронајдени пластични фрагменти во гастроинтестиналниот тракт. Пропорцијата на пластика била поголема кај желките од Тихиот Океан. Од зелените желки од тие води, откриено било дека 83% содржат пластика – споредено со 9% од Индискиот Океан – при што материјалот сочинувал до 0,9% од нивната вкупна телесна маса. Откриено е дека еден примерок од зелена желка од Тихиот Океан имала 144 парчиња проголтана пластика со големина над 1 мм.

Тимот забележува дека повеќето од пластиката пронајдена во внатрешноста на желките била полиетилен или полипропилен, но не било можно да се одредат специфичните извори на овие широко користени полимери.

Д-р Емили Данкан, од Центарот за екологија и конзервација на кампусот Пенрин во Ексетер во Корнвол и коавтор на студијата, појаснува дека младите желки еволуирале за да се развијат на отворен океан, каде што предаторите се релативно ретки.

„Сепак, нашите резултати сугерираат дека токму ова еволуирано однесување сега ги води во „стапица “, носејќи ги во многу загадените области“, вели таа.

Данкан додава дека се уште не е јасно какви ефекти има голтањето пластика врз младите суштества, но предупредува дека тоа може да биде штетно за нивната бројност.

„Малолетните морски желки обично немаат посебна исхрана – тие јадат се, а нашата студија сугерира дека ова вклучува и пластика“, додава Данкан.

Марк Рајт, директор за наука на Светскиот фонд за природа, кој не бил дел од студијата, укажува дека на шест од седум видови морска желка им се заканува исчезнување, а загадувањето со пластика е уште една од опасностите со кои се соочуваат.

„Релативно мал број млади желки ја преживуваат нивната прва година, па затоа е мошне значајно да ги намалиме заканите за да обезбедиме долгорочен опстанок на овие извонредни видови“, додава тој.