[Фото] Мурали наместо неугледни натписи врз кумановската пошта во Перо Чичо 

„Мала пошта бр. 1310, омилена на граѓаните од населбата Перо Чичо во Куманово конечно доби ново руво. Малата пошта е лоцирана на јавен простор опкружен со игралиште, зеленило и содржини за деца, но фасадата беше испишана со неугледни натписи“, велат од Центарот за современи уметности Скопје, кои заедно со локални уметници од Куманово изведоа уметничка акција врз овој објект.

Поради поставеноста на поштата во јавниот простор, велат тие, дошле до идеја да ја разубават фасадата со мурали.

Малата пошта пред акцијата

„Идејата на Локалната иницијатива за осликување на Малата пошта со поштенски мотиви од современа и историска тематика беше од група млади уметници од населбата Перо Чичо, предводени од уметникот Дејвид Стоилковски. Инспирацијата за оваа акција можеби беше потсвесно скриена од изминатиот 18 месечен пандемиски период, кога всушност сите и лично се уверивме во важноста на поштенскиот сервис и поштенските услуги“, соопштуваат Центарот.

На четирите страни од фасадата на Малата пошта се насликани различни поштенски содржини кои, велат тие, на самиот објект му даваат нова форма и изглед.

„И некогашната неугледна фасада се замени со мурали на кој денеска се гордеат не само поштенските работници, туку и жителите на населбата Перо Чичо во Куманово“, се вели во соопштението на Центарот.

Од таму посочуваат дека локалната иницијатива беше спроведена во соработка со АД Пошти на Северна Македонија кои дадоа одобрување за спроведување на оваа Локална иницијатива. Овој проект на Центарот за современи уметности Скопје е финански поддржан од Фондација отворено општество Македонија.

Инаку, младиот уметник Дејвид Стоилковски е дипломец на Академијата за ликовни уметници на отсекот графика. Досега има изложувано во родниот Куманово и во Скопје, но учестува и на разни проекти за исцртување мурали и графити и низ Кочани, Чашка, САД, Црна гора и Австрија. Добитник е на награда Драгутин Аврамовски Гуте за најдобро изработено графичко дело за 2019 година.