Филмови на Манчевски, Тозија и Дума меѓу 17-те проекти финансиски поддржани од Агенцијата за филм

Со 1,25 милиони евра Агенцијата за филм ќе го поддржи новиот филм на режисерот Милчо Манчевски, кој на конкурсот е пријавен под насловот „Врба“. Филмскиот проект „М“ на Вардан Тозија и „Сестра“ на Дина Дума добиваат по 325.000 и 292.000 евра во категоријата „дебитанти“.

Овие три проекти добиваат најголем дел од средствата од вкупно 17-те филмски проекти кои ќе бидат финансиски поддржани од Агенцијата. Покрај споменатите 3 долгометражни играни филмови со македонски мнозински удел, поддржани се и 5 копродукциски проекти со македонски малцински удел, 2 документарни долгометражни филмови, 5 краткометражни играни филмови, и по 1 краткометражен документарен и анимиран филм.

Од Агенцијата посочуваат дека меѓу насловите што ја добиле поддршката има проверени режисерски и продуцентски имиња, но и дебитанти кои, според нив, се позитивно изненадување за македонската кинематографија.

„Со задоволство можеме да констатираме дека најавените засилени критериуми според кои ќе се оценуваат филмските проекти, а во насока на подобрување на квалитетот и успехот на македонската кинематографија, меѓу авторите и продуцентите се забележува продуктивен креативен потенцијал, доминираат современи теми кои можат да бидат препознатливи и допадливи и на домашната и на светската публика. Нагласените историски и локални теми кои го забавија развојот на нашата кинематографија, овој пат не беа премногу застапени и евидентно авторите секој според својот афинитет и сензибилитет, слободно се изразува и осмислува сценарија што можат да комуницираат со европската и светската публика. Се напушта и мегаломанскиот начин на формирање на буџетите, и ги стимулираме продуцентите во рамките на расположливиот буџет да креираат солидни и добри филмски остварувања“, соопштија од Агенцијата за филм.

Од таму информираат дека на конкурсот пристигнале вкупно 73 филмски проекти, од кои 12 не ги исполнувале условите за да влезат во процесот на евалуација.